Вчеравечер во Универзалната Сала во Скопје се одржа шестото издание на Македонскиот радиски фестивал МАРС 2013.
Оваа година во изборот на најслушаните радио хитови учествуваа 45 радио станици од целата земја, со тоа што оваа година гласањето беше организирано на поинаков начин, со цел да се избегне моментот на манипулација при изборот на Радискиот хит според фановите. Секој од изведувачите доби награда, а меѓу нив за најдобар текст за песна ја понесе Влатко Илиевски за песната „Само за неа“, за Радиски хит според избор на фановите/ Ѕвезда што се раѓа е Тајзи со песната „Регетонг“, а за апсолутен Радиски Хит беа избрани Нокаут за песната „Запомни тоа е се што имаме“. Апсолутниот Радиски Хит беше избран според гласањето на радиостаниците, а за најдобар текст за песна учество земаа печатените медиуми и интернет портали.
Групата Лева Патика ја врати публиката во едно далечно време со изведбата на песната „Неправда“ и тие ја понесоа наградата за Трајни вредности. Бидејќи ниту еден фестивал не би бил целосен доколку нема гости од соседството, оваа година програмата ја збогатија миленикот на македонската публика Владо Георгиев и сексипилната Хрватка Јелена Розга, кои добија награди за Ѕвезди од соседството.
Зад сцената можеа да се забележат расположени и распеани изведувачи, различни стајлинзи, од оние кои преферираат кежуал изглед, рокерски, па се до гламур. Токму поради тоа, само по себе се наметна прашањето за почитување на дрес кодот на ваквите манифестации, а учесниците не криеја дека е потребно да се изгледа средено, но дека сепак секој од нив нема стилист кој би се погрижил за нивниот стајлинг за време на јавните настапи.
Помеѓу изведувачите беа Дарко Илиевски и Димитар Андоновски, секој со различен став околу изгледот.
„Сам се грижам за својот изглед на настапите и секогаш комодитетот го ставам на прво место. Сметам дека луѓето што се дел од шоу бизнисот треба да имаат стилисти кои ќе водат сметка за нивниот изглед, но исто така сметам дека денес секој си зема за право да критикува. Не може некој кој нема основа и искуство во модата да суди за нечиј изглед“ – изјави Дарко.
За разлика од него, Димитар Андоновски од пред извесно време склучи договор со битолскиот дизајнер Никола Петровски, кој од сега па натаму ќе води сметка за неговиот изглед на јавните настапи. Во однос на дрес кодот Димитар изјави – „Секоја чест за некои изведувачи, но сепак потребно е да се има тим кој ќе води сметка за изгледот на пејачите. За манифестации од ваков тип неопходно да се запази изгледот и тоа треба да се довери на луѓе кои се најдобри од тој аспект“.
Пере од Нокаут не го криеше задоволството од примањето на наградата и смета дека сите тие кои се индиферентни во однос на ова прашање се лажат себеси дека тоа не им претставува мотивација и сатисфакција. Иако не криеше дека почнува да му смета споредбата со актерот Џони Деп, сепак мисли дека јавните личности треба да ги следат светските трендови и да се раководат според нив.
„Секој треба да се облече така како што се чувствува, а јас преферирам парчиња во кои се чувствувам комфорно, пријатно, обожавам префинети и меки парчиња, а во слободно време обожавам денот да го поминувам во пижами“, – изјави Пере.
Поради временските прилики, српскиот пејач Владо Ѓеоргиев пристигна кратко пред настапот и не го криеше воодушевувањето од македонската публика. Неговиот нов албум ги надмина очекувањата, а за сопствениот изглед Владо изјави – „Сам се грижам за сопствениот изглед, можеби и затоа не е ништо посебно.“
Водителите на фестивалот Марија Петровска и Марко Марк имаа навистина гламурозен стајлинг кој ја долови холивудската магија на Оскаровската вечер, но во една урбана варијанта, што впрочем била и заедничка желба на ова динамично дуо. За нивниот комплетен изглед се погрижи модната куќа Елена Лука.
„Искрено, прв пат го водам МАРС, досега сум била повеќе пати во бекстејџ, во мојата природна средина, каде сме правеле прилози и репортажи. Мило ми е што моето прво водителско искуство е токму со Марко. За мојата креација се погрижи тимот на Елена Лука, значи заедно седнавме, се договоривме како сакаме да изгледаме и морам да признаам дека јас многу не интервенирав затоа што верувам во тој тим и сигурна сум дека секогаш знаат да го направат најдоброто за мене, а јас на драго срце го носам. Одлуката Елена Лука да ги креира креациите првенствено е на организаторите на фестивалот, меѓутоа јас и Марко не приговаравме“-изјави Марија.
Марко, исто толку шармантен како и Марија, видно возбуден пред самиот почеток на фестивалот ни кажа:
„Па за разлика од минатата година сега можам да кажам дека искуството ми е поголемо кога станува збор за вакви фестивалски сцени. Годинава имам подинамична колешка од минатата, со која некако се најдовме со енергиите, но и од претходно се познаваме како колеги, така што се надевам дека вечерва прво ќе си го одработиме својот дел како што треба. Со оглед на тоа дека јас никогаш не сум соработувал со дизајнерски имиња, како што напомена Марија оваа година самата организација кога станува збор за МАРС имаше претходно договорено дека ќе соработува со Елена Лука, односно дека водителите ќе го носат нивниот имиџ и дизајн на сцена. Не приговаравме , само напоменавме дека сакаме да изгледаме едноставно со доза на холивудски гламур, така што мислам дека енергиите во тој поглед ни се погодија и се надевам дека вечерва ќе успееме да го донесеме на соодветен начин сето она што го сработивме заедно.“
Помеѓу наградените беа Тајзи кој зема награда за Радиски хит според избор на фановите со песната „Регетонг“, и Марко Слаткаристика за Радиски ХИП-ХОП и АР-ЕН-БИ Хит на годината. Марко беше оправдано отсутен, но затоа тука беше Тајзи кој изјави:
„ Од МАРС очекувам добра забава и мило ми е што сум во друштво на прекрасни луѓе. Пријатно ми е што се случуваат вакви настани и треба да ги има што повеќе, да се буди музиката и да тргне се на подобро. Сам се грижам за својот стајлинг. Не мора да купам брендирано или прескапо парче, обично си го одбирам тоа што ми се допаѓа. Немам идоли од кои крадам, се е моја фантазија и креација.“
Кралицата Есма Теодосиевски и младиот Влатко Лозаноски исто така беа дел од присутните кои се закитија со награди. Тие ја земаа наградата за Најслушан Радиски Хит за оваа година, за евровизиската песна „Пред да се раздени“. Есма беше навистина почестена и како и секогаш со својот енергичен настап ја крена публиката на нозе веднаш штом се појави на сцената.
„На МАРС сум по повод наградата за песната за Евровизија што ја имавме заедно со Влатко Лозановски. За мојот стајлинг се грижи тимот на модната куќа Елена Лука кои главно ме облекуваат за моите специјални појавувања на концерти и настапи и Споса мода“, вели Кралицата на ромската музика.
А Влатко Лозаноски пак, кој е од самиот почеток на овој фестивал беше многу задоволен бидејќи ова за него е петта статуетка по ред.
„Ми се допаѓа што од година во година нивото на организација е се повисоко и тоа е навистина за почит и мислам дека треба да се продолжи така, да се работи и создава за македонската музика. За мојот изглед се грижат OVS, оптика Диоптра, студио Ив но и моите лични стилисти Вики и Андреј“, ни откри Влатко.
Наградата за Радиски Поп Хит на годината ја зема Роберт Билбилов за песната „Ти се промени“.
„Морам да кажам дека еден мој долгогодишен пријател, Антонио Димитриевски кој навистина го почитувам има сенс за шоу бизнис и само тој може да организира вакви работи и му личи да го прави ова што го прави. Тука сме и ние како професионалци да се појавуваме на овој фестивал да го почитуваме и подржуваме, а заедно со нас и публиката и медиумите и да застанеме зад сето она кое што се вика македонска музика“, рече Роберт.
Во однос на својот избор на гардероба, главно се води според својот сензибилитет.
„За мене не е важно што носиш, туку како го носиш“, додаде Билбилов.
Најголемо внимание предизвикаа гостите од соседството, особено поранешната членка на групата Магазин, Јелена Розга, која несебично даваше изјави и беше опкружена со голем број фанови кои сакаа да се фотографираат со нивната миленичка. Таа носеше креација во Variete стил, а стилистот со кој соработува е првенствено нејзин пријател, па менаџер и главен виновник за ова што го носи вечерва и дека секогаш одлуките околу изборот на креации им го препушта на професионалци.
„Јас вечерва добивам награда за најслушана пејачка и навистина ми е драго што сум ноќва во Македонија, бидејќи навистина долго време не сум ја посетила вашата земја, а моја голема желба е да направам неколку концерти за сите прекрасни луѓе овде и се надевам дека таа желба ќе ми се оствари во 2014 година. Премиерно на оваа сцена ќе ја изведам песната „Циркус“ која е нова и излезе пред само три дена“, вели Розга.
Од први јануари ќе стартува нив предизвик за изведувачите кои ќе треба да ги освојуваат радио станиците и фановите со нови носачи на звук. Нов предизвик ќе биде и за организаторите кои наредната 2014 година ќе треба да организираат уште подобар и погламурозен фестивал.
Еве ја листата на позначајни награди:
Пејач на годината: Димитар Андоновски со песната „Месечина“
Пејачка на годината: Тамара со песната „Само сакам Да“
Радиски хит по избор на фановите: Тајзи со песната „Регетонг“
Апсполутен Радиски хит: Нокаут со песната „Запомни тоа е се што имаме“
Награда за Трајни Вредности: Лева Патика со песната „Неправда“
Најдобар текст на песна: Влатко Илиевски со песната „Само за неа“
Најслушана пејачка на радио: Јелена Розга
Најслушан пејач на радио: Владо Ѓоргиев
Радиски Хип Хоп и АР-ЕН-БИ хит: Марко Слаткаристика со песната „За добро да е“