Француската луксузна модна куќа „Живанши" има нов креативен директор. На местото на Клер Вејт Келер која во април годинава ја заврши соработката со брендот, доаѓа 34-годишниот американски дизајнер Метју Вилијамс, кој својата прва колекција за „Живанши" ќе ја презентира во октомври.
Вилијамс е самоук моден дизајнер претходно познат по неговата соработка со познати артисти од музичката индустрија, меѓу кои и Лејди Гага и Канје Вест, а во 2015 година ја основаше својата етикета за улична мода 1017 Alyx 9SM, која ужива голема популарност.
Во манир карактеристичен за новата генерација, тој информацијата ја соопшти со гласовна порака на Инстаграм профилот на „Живанши".
„Благодарен сум на групацијата LVMH која што ми овозможи да го исполнам својот животен сон. Во ова необично време за целиот свет, сакам да испратам порака за надеж, заедно со моите колеги и целата заедница, и имам намера да придонесам за позитивните промени", вели новиот креативен директор во своето обраќање.
Тој го презема местото на Клер Вејт Келер која беше првата жена на оваа позиција во францускот бренд, а инаку е седми по ред креативен директор (по Убер де Живанши, Џон Галијано, Џулиен Мекдоналд, Александар Меквин, Рикардо Тиши и Келер).
„Многу сме среќни што Метју Вилијамс се придружи на групацијата LVMH. Со задоволство го следиме неговиот развој и прогресот во вистински талент, каков што е денес. Веруваме дека неговата единствена визија за модата, ќе биде одлчна прилика за „Живанши" да напише ново поглавје со нова сила и успех", велат од LVMH.
View this post on Instagram