Младите дизајнери носат нов креативен бран на FWSK

26 март 2014

Креативната енергија на младите македонски дизајнери ќе донесе нов бран свежина на претстојниот Моден викенд во Скопје.

Станува збор за студентите на арт и дизајн на Европскиот Универзитет во Скопје и победниците на проектот ПОП!МОДА, организиран во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Текстилниот кластер, кои на деветото издание на овој настан ќе се претстават со свои дизајнерски парчиња.

 

Групна ревија на студентите од Европски Универзитет

Единаесет млади идни дизајнери, студенти на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет ќе се претстават со заедничка ревија која ќе се води според темата Radiant Orchid, односно бојата која е тенденција за оваа сезона.

Ние сме млади и полни со енергија, постојано нешто правиме, менуваме, твориме, имаме огромна желба за она што лежи длабоко во нас да го пренесеме на сите околу нас. Не станува збор само за облека и мода, туку многу подлабоко и потемелно, тоа е начин на живот. Бидејќи станува збор за групна ревија, секој од нас  има своја инспирација при создавањето на колекцијата, а се поврзуваме преку темата. Дел од материјалите што ќе ги користиме се: кепер, жоржет, сатен, свила и други. Секој од нас си избира техника која ќе ја користи при создавањето на својата колекција. Ќе може да се види везење, patchwork, принт, сликање на платно. Што се однесува за целната група, колекциите се наменети за девојки и жени со некоја граница од 20 до 30 години. Во секој случај, секоја жена може да го облече она парче облека во кое таа ќе се пронајде себе и во кое ќе се чувствува најдобро – изјави Ивана Николова, една од младите дизајнери кои ќе имаат можност да ја презентираат својата работа на Модниот викенд.

Минатогодишните победници на проектот ПОП!МОДА Алмир Мили, Ана Камчева и Виктор Цветановски ќе се претстават со капсулни колекции.

Алмир Мили преку својата колекција инспирирана од Русалки, модернистички ја прераскажува старословенската култура

Алмир во моментов работи како главен дизајнер за американски спортски бренд  Di Biaggio New York,  со што се отвара можноста да се претставува и надвор од границите на нашата земја и тоа конкретно во Њујорк.

Сегмент од колекцијата на Алмир Мили Сегмент од колекцијата на Алмир Мили

Метафорично, Алмир ја опиша својата колекција: Убава , бела , нежна, невина и навидум безопасна жена. Облечена во долг и бел фустан со цветни венци на главата. Живее покрај чисти и бистри шумски води. Таа е млада невеста, девица. Таа е Русалка. Колекцијата е инспирирана од ликот на старословенските митолошки суштества РУСАЛКИ, што преставува жена-нимфа и самовила. Се верува дека краделе деца, новороденчиња и ги убивале. Нејзин плен биле и мажите исто така, кои завршувале удавени во нејзинте води. Ноќта после полноќ е утрото на русалките. Тие се будат и нежно излегуваат од длабичините на чистите шумски води. И веднаш започнува нивната игра. Неколку девојки со долги коси и долги бели фустани фатени за раце пеат и танцуваа околу нивниот плен. Никој неможе да оддолее на нивната убавина и песна, а нивниот транс оди дотаму што завршуваат мртви пред нозете на овие преубави девојки.

Алмир ја прераскажува  старословенска култура и митологија на еден нов, модернистички и софистициран начин. Миксот склопен во оваа колекција преставува модерен изглед за секоја жена. Колекцијата е изградена врз база на материјали кои изгледаат природно, но во суштина се вештачки добиени како и микс на природни материјали, како што се францускиот тул, бел штоф, свилен жоржет и слично.

Филмот „Гравитација“ ја инспирираше Ана Камчева

Желбата, амбицијата и страста за да се постигне целта е водечка инспирација за Ана Камчева, која за својата капсулна колекција се инспирираше од актуелнит блокбастер „Гравитација“.

Модна илустрација од дизајн на Ана Камчева Модна илустрација од дизајн на Ана Камчева

- Идејната порака која се проткајува низ филмот, но и поимот гравитација во неговото основно значење се мојата водечка инспирација. Преовладува и дополнителен психолошки елемент, како во умот на астронаутот кога од огромна височина ја набљудува Земјата и самото тоа сугестивно делува тој да сфати кршливоста не само на своето постоење, туку и на се` што се наоѓа на површината на Земјата. Со додавање на тешки материјали на завршетоците на парчињата облека, се обидов да ја отсликам смислата на гравитацијата. При креирање на моделите користам техника на patchwork во некои делови од облеката, принт на задните делови на некои од парчињата, како и со посебно третирање на скајот со сецкање за да го добијам посакуваниот ефект. Од материјали застапени се тенок кепер, скај и жерсе, објаснува Ана.

Виктор Цветановски креираше современа колекција  преку естетска  рафинираност

Перспективниот  дизајнер  Виктор Цветановски, покрај тоа што е учесник, истовремено е дел и од организацијата на Модниот викенд Скопје, па со тоа неговите ангажмани моментално се комплетно фокусирани на овој настан.

Како еден од минатогодишните победници на проектот ПОП!МОДА, тој ќе престави ултра модернистичка капсулна колекција инспирирана од современата архитектура и технолошкиот прогрес.

„Во колекција преовладуваат детали изработени од металик материјали, со акцент на геометриски сечења и широк спектар на материјали. Инспирацијата за оваа капсулна колекција ја добив од повеќе компоненти. Бев главно инспириран од архитектурата на Том Мајни,ентериерите на Заха Хадид и геометриските инсталации на италијанскиот уметник Естер Стокер. Колекцијата сама по себе е естетски рафинирана и современа“,  изјави Виктор.

Поддршката на младите дизајнери и лансирање на нови квалитетни имиња во модната индустрија, е една од основните амбиции и цели на Модниот викенд Скопје. Наскоро ќе имаме можност да уживаме во производот на нивната младешка креативност, но истовремено и сериозна посветеност.

Објавено:
26 март 2014
Категорија: 
Актуел