Награда за Џони Деп за креативната соработка со холивудските мејк ап артисти

30 јануари 2014

На 15 февруари во рамки на Гилд наградите за шминка и фризура, на одличниот Џони Деп ќе му биде доделено признанието за најдобра соработка со мејк ап артисти во неговите многубројни филмски остварувања.

Ова е нова категорија кај Гилд наградите со која ќе биде признаена одличната работа на холивудските мејк ап артисти и фризери за некои од најдобрите филмови, ТВ серии, реклами и театарски претстави.

Според многумина, мејк ап артистите едноставно го обожуваат Џони Деп и секогаш им е мило кога ќе дознаат дека треба да работат со него. Како што велат, тој секогаш е расположен за соработка и им дава одлични и креативни совети во однос на неговата шминка и фризура.

„Мејк ап артистите едногласно изјавија дека Џони Деп е вистинската личност за оваа награда. Тој повеќе од било кој друг актер ги употребува вештините на шминкерите и фризерите за да создаде секогаш уникатен филмски карактер. Тој секогаш е одличен за соработка, неверојатно ги почитува артистите и она што тие го работат“, изјавила претседателката на Здружението што ги доделува наградите Сузан Кабрал Еберт.

Наградата на актерот ќе му биде врачена од страна на неговиот долгогодишен соработник во некои од најголемите филмски остварувања на актерот, мејк ап артистот Џоел Харлоу.

Објавено:
30 јануари 2014
Категорија: 
Актуел