Новогодишно ретро патување со часовниците на Божиновски

22 ноември 2014

За сите вас кои сте вљубеници во ретро стилот и го сакате диско ритамот  од 1980 – тите, „Божиновски часовници и накит“ имаат вистинско изненадување.

Во пресрет на божиќните празници, брендот реши да ги израдува сите свои клиенти со специјален пакет и заедно со „Swatch“ не' води на новогодишно патување во диско ерата. Станува збор за промоција на „Mystery Vintage“ колекцијата која претставува магично враќање во 1980 – тите, преку повторно афирмирање на специфичниот дизајн на часовниците од тоа време.

Носталгичари ова е вистинска понуда за вас. Со купување на еден од шарените пакети, добивате три часовници по случаен избор. Тимот на Божиновски гарантира дека возбудата ќе биде на високо ниво, а изненадувањето вистинско и уште послатко.

На промоцијата која се одржа вчера попладне во продажниот салон на „Божиновски часовници и накит“ во центарот на Скопје беа претставени различните пакувања во кои всушност никој не знае што има. Пакетот кој дефинитивно ќе ја разгори вашата љубопитност чини 3400 денари. Убавиот дизајн на кутијата одлично ќе се вклопи со другите подароци под елката и ќе биде практичен и модерен новогодишен подарок за вашите блиски пријатели или членови од семејството.

„Swatch реши како и секоја година повторно да ги изненади своите клиенти со нешто интересно. Наклонет кон креативноста и уметноста, концептот на Swatch секогаш претставува пријатно изненадување за сите вљубеници во нивните модели на часовници. Станува збор за збир на 45 модели низ времето што Swatch ги има креирано, без разлика дали се работи за лимитирани едиции или модели кои биле актуелни или биле инспирирани од некој супер лик, а кои ќе бидат достапни во три категории. Клиентите ќе можат да бираат помеѓу Plastic, Lady Plastic и Jelly Jelly колекциите. Сите заедно се групирани по боја во кутии и им овозможува на потрошувачите да си одберат една, а притоа да не знаат што ќе им се падне и да ги држи во искушение до самиот крај“ ни откри Наташа Нешулова.

Дизајнерскиот тим на „Swatch“ остана верен на својата креативна фантазија во однос на комбинацијата на боите, дезените, материјалите и изгледот на часовниците, па така актуелните модели добија свежина и повторно се вратија на тронот за најпосакувани и најстилски модни додатоци. Во низата модели се наоѓаат и специјалните изданија на часовници кои се инспирирани од Олимписките игри, тајниот агент Џејмс Бонд, стрип јунаците и други.

„Mystery Vintage“ – колекцијата ја сочинуваат 45 различни модели во три категории Plastic, Lady Plastic и Jelly Jelly, спакувани во колоритни кутии во сина, розова и жолта боја. Она што е интересно е дека на секоја кутија има прикажано по 15 модели на часовници, а од нив три ќе се најдат во кутијата што сте ја одбрале.

На промоцијата специјален гостин беше Драган Б. Костиќ кој важи за ретро урбана икона. Водителот на култната „Заборави ако можеш“ не' почести со една своја приказна поврзана со брендот „Swatch“. Станува збор за часовникот Swatch, кој Костиќ го добил на подарок од Џери, Американец, возрасен човек кој случајно се нашол во хотелот „Турист “ каде Драган пуштал музика. Часовникот што му го подарил е модел од првата генерација на Swatch часовници, кој и денес работи, а датира од 1983 година. Факт кој многу зборува за квалитетот и префинетата изработка на модниот додаток.

После презентацијата, за присутните во кафулето „Драма“ беше организирана забава.

Објавено:
22 ноември 2014
Категорија: 
Актуел