Уметност е да создадеш нешто ново и да знаеш истото да го носиш. А мотото на добро познатиот бренд за часовници Swatch е да создаваш уметност за својот зглоб. Оваа компанија е позната по своите соработки со водечки уметници како: Кики Пикасо, Кит Харинг, Сам Францис, Арналдо Помодоро, Алфред Хофканст, Нам Џун Пајк, Акира Куросава, Педро Алмодовар, Спајк Ли, Дејвид Лашапел, Норма Џејн, Моби и Брдхед.

 

 

Овој пат дизајнер за Swatch беше младиот пејач Мика. Она што е заедничко за нив е тоа што и Swatch и Мика оваа година наполнија 30 години. Роден во Бејрут, израснат на релација Париз-Лондон, целта на пејачот беше да внесе во дизајните на Swatch една креативна разновидност, која ќе и се допадне на публиката без граници.

Новите уметнички модели на Swatch, беа специјално дизајнирани од Мика, заедно со неговата сестра Јасмин која има десетгодишна соработка на креативни проекти и дизајни.

 

 

Уметникот кој овие денови е зафатен со својот ангажман како судија во мега популарното шоу „X Factor“, како и со подготовка на неговата промотивна турнеја  за неговиот најнов албум насловен „The Origin of Love“, промовираше два модели на часовници кои не само што пленат со интересниот дизајн туку имаат и специфични имиња „KUKULAKUKI“ и „КUKULAKUKU“.

 

 

„Јас немам искуство со дизајнирање, па така целиот тој процес беше мошне забавен за мене. Создавањето на часовници, за мене беше слично како создавање на нова музика. Навистина не гледам разлика помеѓу двата процеса“, признава Мика.

Креативниот набој за ваков дизајн Мика го доби од една своја замисла. Имено, тој замислил часовникот да изгледа како тотем кој се појавува на некоја непозната планета. Жителите прво треба да бидат збунети и исплашени од новиот објект, на кој подоцна ќе почнат да му се поклонуваат како на свој Бог-заштитник.

 

 

Секој еден од двата модели е спој на поп-арт елементи кои го красат ремчето на часовникот, а главната слика со стрелки потсетува на африканска племенска маска која се носи на лице.

„Графичкото решение резултираше со микс на стилови кои асоцираат на Мароко, Тунис и други региони во Африка. Часовниците имаат функција да предизвикаат љубопитност и чудење, симбол на нешто кое се перцепира како мистерија“, вели Мика.

 

 

Часовниците ја претставуваат и изразуваат целата енергија која Мика ја носи во својата душа, измешана со боите на тропскиот рај. Во продажба можете да ги најдете од денеска во сите продавници на Swatch.

 

 

Објавено:
7 ноември 2013
Категорија: 
Модни додатоци