Помогнете му на градот и бидете стилската девојка со точакот!

16 декември 2013

Нашиот главен град и денеска се разбуди во магла. Но, не онаа вистинската, туку во магла од смог. Скопје живее со неверојатна загаденост на воздухот и тоа неколку пати над дозволеното, а веќе одамна е незамисливо да се пешачи.

За да си излеземе во пресрет меѓусебно и да му помогнеме на нашиот мил град, она што дефинитивно е потребно, е да најдеме алтернативи на автомобилите како едни од главните загадувачи.

Доколку не сте „обожавател“ на турканиците во јавниот превоз и ако работното место ви е на прифатлива оддалеченост од вашиот дом, зошто да не се одвезете себе си со велосипед, барем додека времето не служи без дожд и снег?

Според многумина, велосипедот е најшармантното и најдоброто превозно средство во светот. Додека се уште снегот не ги избелил нашите улици, велосипедот е дефинитивно најдобрата алтернатива за автомобилите.

Одберете ја вашата најтопла облека, никако не заборавајте ги зимските модни додатоци како капа, шал и ракавици и остро спротивставете му се на ветрот што ви доаѓа од спротивниот правец.

Вредноста на велосипедите е дефинитивно преголема за истите да ги оставите да уживаат во зимски сон. Токму сега е вистинското време кога е потребно да ги подмачкате  и со тоа да покажеме колку пред се здравјето и чистиот воздух во овој град навистина ни значи.

Што се однесува до останатите загадувачи на воздухот, она што можеме да направиме е да се надеваме дека поголем дел од нив ќе се потрудат да набават квалитетни пречистувачи за срцето на овој град и свеста за значењето на проблемот ќе се промени.

Да не заборавиме да споменеме и дека комбинацијата на вистински модерна девојка и велосипед е вистински празник за очите.

Во галеријата подолу можете да погледнете неколку стилски девојки чиј најдобар пријател им е велосипедот и  инспирирајте се за вашата комбинација на велосипед!

Објавено:
16 декември 2013
Категорија: 
Актуел