Работилници по Динамична софрологија со Лепосава Тодорова

15 јуни 2015

Софрологијата е техника за релаксација и опуштање која ја истражува, модифицира и подобрува човековата свесност. Во современото секојдневие, честопати забораваме на себе, па ваквите техники се покажуваат како ефикасни во поставувањето баланс во нашето функционирање на различни нивоа.

Одлична можност да научите нешто повеќе и директно да ги искусите позитивните ефекти од техниките на Динамичната софрологија, се воведните предавања и работилниците што ги најавува Лепосава Тодорова, Софролог практичар, со која се запознавте во интервјуто на fashionel.mk.

Лепосава Тодорова, Софролог практичар Лепосава Тодорова, Софролог практичар

Овој пат, во Скопје, но и во Охрид ќе бидат одржани воведни предавања и работилници со оваа техника која во светот веќе станува пракса, а кај нас се повеќе се популаризира.

„Ве покануваме да ни се придружите во споделувањето на сегашниот момент, во кој одлучуваме сега и овде да си поклониме момент на себе, да стапиме во контакт со себе, со нашето тело, да се вратиме дома кај себе. Првиот степен на Динамична софрологија, инспириран од Јога овозможува

свесноста за сегашниот момент да ја преточиме во акција и да стапиме во контакт со самите себе, да се вратиме дома, да стапиме во контакт со нашето тело, да се вкорениме во сегашниот момент, да бидеме присутни сега и овде. Во текот на воведното предавање и сесија, како и дводневната работилница ќе имаме можност да го практикуваме сето ова со лесни вежби во седечка и стоечка положба. Тоа ќе ни  обезбеди и практично знаење применливо во секој момент од денот, за да се релаксираме и опуштиме, а потоа и да стапиме повторно во контакт со самите себе за да бидеме поприемчиви кон себе си и кон надворешниот свет. Сето ова без осуда и почитувајќи ги нашите лични граници, на нашето тело, на нашата свесност и на нашето битие во целост“, ги поканува Тодорова сите оние кои сакаат да искусат нов начин на опуштање и релаксација.

Првото воведно предавање ќе биде во Скопје во просториите на Лукс Интегра на 26-ти јуни (петок)  со почеток во 19 часот, додека дводневната работлиница ќе се реализира на 4-ти и 5-ти јули од 10 до 17.30 часот, во истите простории. Во Охрид пак, презентацијата е закажана за 29-ти јуни (понеделник) во 19 часот, во О.У „Христо Узунов“.

Лепосава Тодорова е Македонка која веќе 11 години живее во Брисел. Во меѓувреме таа се квалификуваше за Софролог практичар и ја пренесува оваа неверојатно корисна техника на секој кој е отворен и одлучен да работи на себе. Зад себе има искуство од над 300 сесии, како индивидуални така и групни, но и личен тренинг како и тренинг со нејзини колеги, Софролози.

За сите детали во однос на најавените предавања и работилници може да се информирате на нејзината веб www.amazingsophrology.be и фан страна www.facebook.com/AmazingSophrology.

 

Објавено:
15 јуни 2015
Категорија: 
Актуел