Росица Мршиќ со нејзиниот „Ретро Твист“ го затвори Модниот викенд во Скопје

31 октомври 2013

Со модниот перформанс на дизајнерката Росица Мршиќ вчеравечер беше затворено осмото издание на Модниот викенд Скопје. Мршиќ беше последна во низата дизајнери кои ги претставија своите колекции на неколку различни локации во главниот град.

Таа своите парчиња се одлучи да ги претстави во Музејот на град Скопје, кој иако многумина мислеа дека ќе е претесен за бројот на посетителите поканети да ја проследат ревијата, реалната слика го покажа другото. Во фоајето на Музејот се случи моден перформанс што се состоеше од околу 30 – тина парчиња од новата колекција на дизајнерката.

Во истата можевме да видиме голем број на карирани дезени, костими, здолништа со висок струк и кошули со интересен дизајн.

Во однос на модните детали, дизајнерката и овојпат се одлучи за мали шапки во интензивни бои, кожени ракавици и интересни, дизајнирани хулахопки. Taa за оваа сезона одбра потемни нијанси на боите и во нејзината колекција преовладуваа најмногу сивата, темно жолтата и црната боја.

Како што посочи, инспирацијата за нејзината колекција била „Ретро Твист“, односно духот на 50 – те и 60 – те години.

„Тоа што оваа сезона го сработив е тема која ја сметам за мошне блиска, бидејќи мене ми е како карактерна нишка која беше поттик за создавање на оваа колекција и веќе неколку сезони ми се провлекува низ инспирацијата. Оваа сезона сакав да направам спој на една романтична нишка и преку геометриските линии да се обидам преку овие спротивни изгледи и тематски инспирации да направам едно цело“, вели дизајнерката за Fashionel.mk.

Таа додава дека Модниот викенд како целина е супер можност дизајнерската работа да си го најде своето местото каде што истата ќе биде презентирана и каде што публиката ќе може да ја види од поблиску, во некој амбиент што дизајнерот си го замислил дека е најсоодветен.

“Мислам дека настани од овој тип се навистина потребни и треба да имаат континуитет за да може нашата модна сцена да има некоја претставителна слика овде кај нас, но и на меѓународно ниво“, вели Мршиќ.

Во однос на тоа зошто таа за својата колекција го одбра Музејот на град Скопје, а не катната гаража, таа вели дека овојпат сакала да направи пауза од класичниот пристап на презентирање на модните ревии.

„Се отвори можноста мојата ревија да биде во овој Музеј, со кој уште од детството сум поврзана, затоа што секогаш ме асоцира на нешто убаво, на уметност, место каде што се твори, каде што се презентираат уметнички работи кои секогаш ме инспирираат. Идејата почна со тоа дека не сакаме да направиме класична ревија, па некако се поклопија коцките и одлучивме тоа да биде во амбиент кој потсетува на творење, кој диши во уметнички здив, а сепак презентира мода со која на некој начин е и тесно поврзана“, објаснува дизајнерката.

Нејзина замисла беше интересна, но искуството покажа нешто друго. Меѓу присутните имаше коментари дека не можат да го проследат перформансот, поради тоа што морале да застанат во последните редови од каде дефинитивно беше вистинска среќа да здогледаш некој од моделите.

Овогодинешното издание на Модниот викенд Скопје дефинитивно помина во знакот на младите дизајнери. Тие навистина прикажаа колекции достојни за почит, кои се состоеја од навистина носливи и прекрасни парчиња. Со тоа се согласува и портпаролот на Модниот викенд Марија Илиќ, која вели дека младите дизајнери навистина беа за пофалба.

„Тие навистина поминаа одлично и кај публиката и кај модната критика. Некако немаше нешто што помина лошо кај модните критичари, веројатно затоа што, барем според она што го вели публиката и модните критичари, претежно стануваше збор за носливи парчиња, стануваше збор за актуелни колекции и најверојатно тоа придонесе кај публиката да се јави интерес. Младите дизајнери, новите имиња уште на самиот старт настапија многу грандиозно, а оние имиња кои се веќе етаблирани покажаа зошто се толку долго на македонската модна сцена и дека во континуитет од нив може да се очекува се подобро и подобро“, вели Марија.

Објавено:
31 октомври 2013
Категорија: 
Актуел