Сара Бартон не ја разбира потребата да се биде славен

20 септември 2014

Кога Александар Меквин почина во 2010 година, зад себе остави империја и беше потребно најбрзо да се најде личност што  ќе ги продолжи неговите дела. Во игра беа многу дизајнери, но логично беше работата да премине во рацете на неговата заменичка, Сара Бартон. Таа припаѓа во списокот на 100-те највлијателни луѓе во светот и повеќе од четири години е креативна директорка на престижниот бренд.

 

По неколку години откако ја доби титулата, таа изјавува дека тогаш не била сигурна дека сака да ја добие позицијата, бидејќи помислувала како ја прогонува духот на нејзиниот колега и пријател. После многу двоумење, на мала врата, Сара донесе одлука да продолжи онаму каде застана Меквин. Бартон тврди дека не сака слава и не се гледа како модно освестена личност, која постојано размислува што да облече.

Сепак, по кралската венчавка на Кејт Мидлтон и принцот многу медиуми ја прогонуваа, но таа и ден денес не сака да открива никакви детали како ја создаваше венчаницата и објаснува дека тоа е приватна работа на кралското семејство. Десната рака на Меквин вели дека уживала во работата со нејзиниот тогашен претпоставен, кој знаел да ја побара и сред ноќ со некоја сјајна идеја.

 

Двајцата беа тандем уште од далечната 1997 година, а британската дизајнерка и сега не сака да открива многу околу работата со брилијантниот дизајнер. Едноставно објаснува дека не и е јасно зошто луѓето се опседнати со славата и желбата да се дознае се за секој.

 

Објавено:
20 септември 2014
Категорија: 
Актуел