Уште во своите рани почетоци, таа одлучи да отфрли било каква игра на зборови и во модниот свет се претстави исклучиво преку своите дела. Таа е Сара Бартон, а денес се наоѓа на местото на креативен директор на модната куќа Александар Меквин.
Патот до успехот често не е ниту малку лесен, а тоа го знае и Сара. Нејзината приказна започнува во 1947 година, кога е родена како едно од петте деца во семејството Бартон во Манчестер, каде завршува политехничко училиште. Цврстите темели на својата модна кариера започнува да ги гради во Лондон, каде се сели за да може да го продолжи образованието на колеџот Сент Мартин за уметност и дизајн.
Лондон и високото образование и овозможија едиствена можност на стажирање кај легендарниот Меквин, каде и се вработи по завршетокот на студиите. Со тоа страста на Сара кон модата тргнува во сосема нова димензија, па полека но сигурно почнува да и го менува животот комплетно.
Како што одминуваше времето, така Сара стануваше се позначајна за работата на модната куќа Меквин. Од тој момент презимето Бартон почнува да буди се поголем интерес кај вљубениците на модата, а девојката која гордо го следи својот пат, го отфрла лажниот свет на гламурот и славата, за да остане верна на себе.
Иако после самоубиството на дизајнерот многумина сметаа дека Сара никогаш нема да биде достојна замена за вистинскиот визионер, во модната куќа која го носи неговото име, сепак таа довршувајќи ја неговата последна колекција и претставувајќи ја својата прва самостојна колекција успеа да го докаже спротивното и со тоа ги исполни сите барања на комплексната модна индустрија.
Со својот перспективен пристап на креирање се наметна како ново големо модно име, препознатливо ширум светот. За тоа сведочи и фактот дека Кејт Мидлтон од сите дизајнери ја избра токму неа да го креира венчалниот фустан. Ангажманот во такви размери и ја овозможи и титулата за модна креаторка на годината, а која ја именуваше легендарното модно списание Harper's Bazaar, а истото признание го освои и на British Fashion Awards пред две години.
Неоспорниот талент на Сара го брани со екстравагантни од една страна, а комерцијални и умерени парчиња од друга страна. Во повеќе наврати изјави дека и понатаму ќе остане верна на тој стил, а своите визии скици ги реализира преку рачно изработени детали, гламурозни и бајковити фустани, користејќи се со широка палета на бои и мотиви, корсети, ремените, златните и сребрените нијанси, околувратниците, како и нетипичните кроеви секогаш со женствена нота.
Креативната директорка на модната куќа Меквин по се изгледа го постигна невозможното. Поврза два силни поими, односно субкултурата на панкот и нејзината заводливост, а притоа останувајќи доследна на себе, што ги покажува размерите на нејзиниот вроден моден талент од кој произлегуваат интересни идеи, непогрешливи изведби на криевите и визии кои често се пред своето време.
Велат, кога една ѕвезда ќе падне од небото, нова се раѓа. Токму тоа го доживеа Сара Бартон и одлично се одржува на небото, со што несомнено може да се нарече и модна икона.