Во светските медиуми одекна веста за разводот на Бред Пит (52) и Анџелина Џоли (41). Иако, повеќе пати до сега медиумите се обидоа да ги разделат, изгледа овој пат работата е вистинска и сериозна.
Како пренесува сајтот „Ти-Ем-Зи“, Анџелина била таа што побарала развод, а проблемот во односите настанал поради децата.
Актерката ги предала документите во понеделникот наутро, а како причина за разводот навела дека се работи за ненадминливи разлики. Исто така, таа бара комплетно физичко старателство над шесте деца, кои Бред ќе може да ги посетува.
Анџелина потенцира дека не сака Бред да има физичко старателство над децата, туку само легално. Тоа значи дека тие би живееле со мајката, а татко би можел да ги посетува и да има удел во одлуките околу образованието, медицинска грижа и слично.
Според изворите до кои дошол сајтот, на Џоли не ѝ се допаѓал начинот на кој Бред ги воспитува децата, па била прилично вознемирена од неговите родителски методи.
Во нивниот однос не постои „трета“ личност како дополнителна причина за разделбата. Нејзината одлука била донесена исклучиво врз интеракцијата на Бред со нивните деца.
Исто така, во текстот се наведува дека таа не бара алиментација, ниту било каква друга финансиска поддршка од Пит.
Во документите, 15-ти септември е наведен како датум на разделбата.
За потсетување, двојката стапи во брак во август 2014 година, а заедно се од 2004 година. Нивната љубов важеше за една од најголемите во Холивуд, а Бред ја напушти Џенифер Анистон токму поради Џоли. Се запознаа на снимањето на филмот „Госпоѓа и господин Смит“.
Последен пат е видена заедно во јули месец, на роденденски појадок на близнаците Нокс и Вивиен.