Ако сте една од оние што ги следат модните трендови и секогаш обожаваат да се во тек со последните хит парчиња, тогаш сега е вистинско време да го запознаете новиот дизајнер – победник во натпреварот на шведскиот бренд H & M – Еди Анемиан.
Од 23 – ти месецов, во специјално одбрани продавници на брендот ќе можете да ја најдете капсулната колекција на 24 - годишниот дизајнер што победи во натпреварот за дизајн на брендот.
Анемиан е млад дизајнер од Белгија, кој заедно со останатите седум натпреварувачи ги претставија своите колекции за H & M во рамки на модната недела во Стокхолм.
Стручното жири составено од дизајнерот Ердем, актерката Мишел Докери и првата дама на дизајнерскиот тим на H & M Ен Софи Јохансон, го одбраа креативниот Еди и неговата колекција како најдобри во рамки на натпреварот.
„Сите судии се заљубија во колекцијата на Еди, во тоа како истата е изработена одблизу и во тоа како изгледа кога истата се носи. Тој сосема заслужено победи на натпреварот, а сите веруваме дека тој е една млада и креативна ѕвезда со блескава иднина во модната индустрија“, изјави Јохансон.
Победничката колекција на Анемиан содржи 10 парчиња, а во истата може да видите многу цветни принтови, чисти линии, совршени кроеви кај панталоните и неверојатен шармантен ефект во целост.
Колекцијата го носи името „They Can Cut All the Flowers, They Cannot Keep Spring from Coming“, а истата е инспирирана од улогата на актерката Тилда Свинтон во филмот „I Am Love“.
Покрај тоа што неговата колекција ќе се најде во одбрани продавници на брендот ширум светот, тој ќе добие и парична награда од 50.000 евра како мотив за негово поскоро и поуспешно афирмирање во модната индустрија како самостоен дизајнер.