Минатогодинишниот победник во натпреварот на шведскиот бренд H & М за најдобар дизајн, Еди Анемиан од Белгија, ја лансираше својата нова капсулна колекција. Водена од огромниот успех, првата дама на дизајнерскиот тим на шведската етикета H & М, Ен Софи Јохансон не губи време и веќе ја објави следната листа на имиња за четвртото издание на оваа престижна награда.
Како што е ред, жири комисијата веќе селектираше 24 најдобри имиња кои ќе се обидат да добијат свое место за промоција во рамките на Модната недела во Стокхолм. Во месец ноември само осум натпреварувачи од селектираните ќе ја имаат ексклузивната можност да настапат на Модната недела во Стокхолм и да победат во натпреварот кој е во организација на популарната комерцијална етикета. Покрај тоа што колекцијата на дизајнерот кој ќе победи на натпреварот ќе се најде во официјална продажба во одбрани продавници на брендот ширум светот, тој ќе добие и парична награда во висина од 50 илјади евра, како мотив за поуспешна афирмација во модната индустрија . Во продолжение еве ги имињата на полуфиналистите кои се најдоа во трка за титулата за најдобар дизајн 2015 година:
Клара Јунгман, Лора Северак, Магдалена Брозда, Сара Ефенбергер, Симон Шмит Адријан, Елина Матанен, Хуан Зоу, Франческа Ребершег, Хироши Шинтани, Ин Сео, Јумико Сеи, Јон Чан Чунг, Јиу Чен, Андреас Екелоф, Леонард Кочиќ, Шарлот Ноулс, Грахам Фан, Џејмс Кели, Џани Туртианен, Кетрин Робертс – Вуд, Фиона О’Нил, Андреа Јапеи Ли, Питер До и Ксимон Ли.