Антонија Ристовска откри нова страна од својот дизајн за 20 - тиот јубилеј

25 април 2014

antonija-ristovska-collage

Македонската креаторка Антонија Ристовска вчеравечер го прослави својот 20 годишен јубилеј со презентација на новата колекција за пролет-лето 2014 „Art en Deco“ во модернистичкиот амбиент на терасата на ТЦ Капитол.

Инспирирана од модерната архитектура што почнала да се создава во 20-тите и 30-тите години од 20 век, позната како Арт Деко движење, Ристовска пред публиката откри една нова страна од својот креаторски дизајн во кој се чувствуваше нејзиниот препознатлив сензибилитет, но во една нова футуристичка димензија. Ако до сега во колекциите на дизајнерката преовладуваа лелеавите материјали, овој пат таа направи баланс помеѓу меките линии и строгите кроеви.

Ревијата ја отворија минималистички концепирани силуети на кратки здолништа обоени во пастелна палета со доминантните ментол зелена, виолетова, нежно розова боја со повремени сиви тонови и истата продолжи и кај долгите елегантни тоалети напред отворени со шлиц, повторно во чист минималистички крој, за на крај ревијата да ја затворат неколку венчаници што ја нагласуваат женственоста изразена во строги и во меки линии. Фокусната поента на колекцијата беше тродимензионалниот израз искажан преку длабочината и текстурата во самите апликации во чија изработка е применета техника Hand made пред машинското шиење.  Колекцијата е комплетирана со брендирани копчиња и парчиња накит што го следат минимилизмот и геометриските линии на облеката.

По завршувањето на ревијата, Ристовска ги сподели личните впечатоци со Fashionel.

„Сега кога заврши сѐ, можам да кажам дека се чувствувам многу опуштено, навистина сум тип на човек кој сака сѐ да биде доведено до перфекција. Се надевам дека публиката ја прочита пораката дека навистина сакам жената секогаш да биде единствена, да биде поразлична, да создадам нешто ново за неа и особено ми е драго ако токму тоа го забележала и публиката. По реакциите од публиката мислам дека разбуди емоции. Колекцијата има 30 – тина парчиња, почнавме со поедноставни парчиња со 3Д елементи, малку футуризам, но како се одвиваше ревијата имавме поелегантни парчиња и крајот секако го заокруживме со еден венчален фустан“, вели Ристовска.

Својата  колекција за оваа сезона дизајнерката интимно ја доживува како нешто ново и оригинално.

„Идејата ми беше да создадам нешто поинакво, не беше воопшто тешко, само што бараше многу повеќе време. Моравме претходно сите тие апликации што ги видовте на креациите, рачно да ги подготвуваме бидејќи ги градиравме и по боја, сакавме на крајот да изгледаат како да се слеани на ткаенината и им посветивме доста време на нив, значи правевме комбинација од рачна подготовка со машинско шиење. Во однос на материјалите, ми требаа малку поцврсти материјали за да изразам некоја строгост, а од друга страна пак, ми требаа и повеќе меки материјали за да ги изразам оние лелеави креации што ги негувам со години. Јас искрено сум задоволна од она што на крајот го добив. Во креациите вметнавме и многу цветови и пастелни бои, бидејќи сепак ова е колекција за пролет/лето. Јас лично колекцијата ја доживувам како нешто ново и оригинално“, додаде Ристовска.

Во публиката која ја проследи ревијата беа и личности од јавниот живот кои на нивните јавни настапи ги гледаме и во креации на Ристовска.

Меѓу нив беа и шармантната пејачка Јана Бурчевска и атрактивната Маријана Станојковска кои ги прашавме за импресиите од ревијата, но и за тоа колку приватно носат македонски дизајн на себе.

„Јас сум воодушевена, а особено ме трогна последниот момент кога се појави мајката на Антонија на сцена, тоа чувство не може да се осети на секоја ревија. Од аспект на нејзината креативност, квалитет и прецизност не можам да најдам забелешки и токму поради тоа секогаш соработувам со неа за настапи. Најголем впечаток од понудените модели вечерва ми остави една црна тоалета, долга, напред со шлиц  дел беше со цветови и беше навистина интересна. Без исклучок за настапи секогаш одбирам парче од колекцијата на Антонија и тоа не е без причина“, изјави Јана за Fashionel.

Маријана Станојковска беше едно од заштитните лица на претходната кампања на Ристовска.

„Јас и претходно веќе кажав прекрасна е и многу ми се допадна со оглед на тоа дека имаше многу убави свежи нијанси, поготово минт бојата ја обожавам и дефинитивно би одбрала неколку парчиња од оваа колекција што ете би ги носела оваа пролет.

Посебен впечаток ми остави креацијата што ја носеше ќерката на Антонија, во црна нијанса, едноставен крој три четврт фустанче кое имаше некои проѕирни делови беше навистина убаво, а исто така ми се допадна црната наметка со ружи, која што беше прекрасна и би одговарала во комбинација со секаков фустан. Инаку, во мојот плакар имам модели од модната куќа Нана, од Елена Лука, Антонија Ристовска, имам парчиња и од млади дизајнери, имам доста накит - дело исто на наши дизајнери, така да имам македонски дизајнерски парчиња во мојот гардеробер и навистина со задоволство ги носам“, кажа Маријана.

Колекцијата „Art en Deco“ е веќе изложена во ателјето на дизајнерката.

Објавено:
25 април 2014
Категорија: 
Колекции