Откако дознавме дека македонската дизајнерка Антонија Ристовска на 24 – ти Април ќе одржи самостојна ревија, посакавме да видиме дел од креациите што таа ги создаде овојпат.
Како што и самата ни посочи, на терасата на трговскиот центар Капитол Мол на 24 – ти ќе се случи вистински спој на архитектурата од 20 – тите и 30 – тите години и модата на едно повисоко ниво.
Ристовска за Fashionel вели дека овојпат ќе видиме нешто ново и оригинално од неа, многу геометриски форми, 3D елементи и спој на интересни бои.
„Ние дизајнерите од сезона во сезона трагаме по нови инспирации за нашите колекции. Отсекогаш сакав да направам нешто ново, нешто со геометриски форми, со 3Д елементи, или со еден збор кажано инспирирано од Art Deco периодот. Истиот називот го добил според современата архитектура од 20 – тите, 30 – тите години, а сѐ тргнало од потребата за нешто модерно. И јас се водев од една таква мисла, од потребата за промена и нов модерен изглед на жената од денешницата. Така всушност почнаа да се вклопуваат дизајните еден по еден. Оваа колекција има нови начини во начинот на изработката на креациите, но јас сепак си го задржувам стилот на атељето што го негувам со години“, вели Антонија, додавајќи дека нејзината желба била да изрази еден вид на тродимензионалност, длабочина и позитивна енергија.
Во однос на инспирацијата од тој период, нормално беше да ја прашаме дали можеби тој е и нејзиниот омилен.
„Имаше таков момент кога размислував кој период од историјата да го земам како инспирација. Некако 50 – тите и 60 – тите години сѐ уште како да не можам да ги заборавам и да ги одвојам од мојот стил. Сега сакав повторно да задржам нешто од тој период, но да добие на јачина периодот од 80 – тите. Малку играв со вметнување на копчиња, правев и некои конструкции од машка облека со женски кроеви, парчињата имаат архитектонски стил, некоја порамна силуета, меѓутоа го сакав моментот на играње со стиловите, на мешање на тие периоди“, објаснува Антонија.
Во однос на боите, дизајнерката ќе каже дека го обожавала моментот со „играње“ со сивата боја како едно вистинско обележје на тој период.
„Art Deco – то е еден период кога сивата боја е доста присутна, но таа е некако многу деловна и студена, па јас сакав да и дадам некоја летна варијанта со комбинации од бледозелена, беж и бела боја, дури и од тој стил од Art Deco – то вметнав и некои други бои од тогашната архитектура“, вели Ристовска.
Изборот на локација за ревијата на Антонија овојпат отиде кај новоотворениот трговски центар Капитол Мол во населбата Аеродром, каде што всушност се наоѓа и атељето на дизајнерката. Благодарение на инспирацијата од архитектурата од Art Deco периодот, Антонија смета дека токму Капитол Мол е вистинскиот избор.
„Темата на колекцијата Art Deco бара и таков модернистички простор како Капитол Мол, а ова одлично се поврза и со близината и функционирањето на моето постоечко атеље и сосема случајно отидов да го видам просторот и многу ми се допадна. Тој делува доста маркантно од надвор и кога ја видов терасата што е баш во тој стил, веднаш се одлучив. Сценографијата ќе биде во согласност со колекцијата, односно во согласност со темата на колекцијата и не би го оптеретувала просторот нешто повеќе, ќе оставиме простор за гостите, кои ќе бидат бројни“, вели Антонија.
На прашањето зошто се одлучи за самостојна ревија, а не во рамки на Модниот викенд Скопје, Ристовска вели дека единствена и главна причина е нејзиниот 20 – годишен јубилеј.
„Многумина ми го поставуваат токму тоа прашање. Единствена и главна причина е тоа што оваа година го славам мојот јубилеј – одбележувам 20 години од постоењето на моето атеље и некако ми дојде како еден предизвик по тој повод да организирам самостојна ревија со која ќе ја презентирам и мојата нова колекција Art en Deco“, појаснува Антонија.
За крај на пријатниот разговор го оставивме и 20 – годишниот јубилеј на атељето Антонија Ристовска и тоа колку самата дизајнерка е задоволна од досега сработеното.
„Мислам дека изминативе години успеав да извадам доста оригинални парчиња, добро да го позиционирам брендот на македонската модна сцена, да биде дел од многу модни, но и лични случувања, забави, прослави итн. Генерално, сум задоволна, повторно ќе кажам дека работиме на еден многу специфичен пазар за да сега ние направиме нешто големо како револуција. Мене ми е мило што сепак атељето има свој контиуитет, што сепак успева да „плива“ во сите тие турбуленции што се случуваат на пазарот и воопшто. Сигурно дека сето тоа може да биде уште подобро, меѓутоа ете, работиме и со позитивни мисли сѐ ќе биде во ред“, вели за крај дизајнерката.
Уживајте до 24 – ти!