Влијанијата кои пандемијата ги рашири последниве две години сè уште се присутни, а веројатно допрва ќе го чувствуваме нивниот импулс. Се загуби здравјето, за жал и животи, но и услови за работа, работни места, пари, можности, комуникација...
Оваа состојба предизвика да се зголеми „инстинктот за преживување“. Не само кај човекот како поединец, туку и кај сите индустрии што го движат светот.
Поштедена не беше ниту модната индустрија – глобално, секако и домашно.
Многу од дизајнерите го забавија ритамот на работа, ги паузираа ревиите, ги оставија ножиците и метрата, ги затворија бутиците, уште повеќе ги „отворија“ онлајн продавниците и социјалните мрежи, со надеж дека ќе бидат доволни да ја задржат присутноста кај клиентите, но и економската стабилност, во време кога е сè нестабилно.
А како беше на домашната модна сцена, какви проблеми наспроти креативност разбуди оваа ситуација во Македонија, разговаравме со неколку македонски модни дизајнери.
Антонија Ристовска, Јована Филиповиќ, Олгица Ѓоргиева и Росица Мршиќ се дамите кои споделија со нас каков пат успеала да најде креативноста кај нив изминативе две години, но и што се случува со македонската модна сцена и како да ѝ се врати сјајот.
Целиот разговор следи во продолжение:
Колкав данок зеде пандемијата на светската и домашната модна сцена? Што добивме, а што изгубивме?
Иако нашата модна сцена е многу мала, никако не беше изолирана од актуелните случувања. Без разлика што километри нè делат од светските модни метрополи, домино ефектот кој го предизвика пандемијата стаса и до нас.
-Глобалната пандемија, како и секоја голема промена, без разлика дали е добра или лоша, со себе носи тектонски промени. А модната индустрија секако не е имуна на тоа. Бевме сведоци на тоа кога во светски рамки ги откажаа модните недели, или одржани без или со многу мала публика, нешто што пред 2 години било незамисливо. Светските брендови почнаа да бараат начини како директно да допрат до нивните купувачи, во време кога нивните најголеми купувачи-посредници, стоковните куќи, беа моментално или перманентно затворени. А тоа секако беше потешко за малите независни брендови кои многу зависат од бутиците за да допрат до нивните крајни купувачи. Се затворија фабриките за материјали, или пак продажните канали не беа толку лесно достапни како порано, со што се забавува целиот процес на производство. Кај нас, ситуацијата е малку поинаква. Овде секој дизајнер работи самостојно, многу мал дел ги изложуваат своите креации во бутици, но и да го прават тоа, тоа е како надополнување на нивните ателјеа. И пазарот е помал, па малку е полесно да се допре до крајните потрошувачи. Секако, во време на ваква несигурност, многу луѓе се повлекуваат, се колебаат да купат модно парче или пак венчаница, посебно кога се несигурни кога и каде ќе можат да ги носат - вели Антонија Ристовска, што секако предизвикало промена во работењето.
И Олгица Георгиева се согласува дека големите промени биле неминовни, кои довеле до тоа да се размислува и надвор од рамките.
-Дефинитивно многу работи се променија и нè натераа да размислуваме за варијација на тема. Земајќи предвид дека ова е глобална состојба, повеќе или помалку, никој не е поштеден, ставени сме во ситуација да се натпреваруваме со нашата креативност. Никогаш работите не се црно-бели. И покрај целата оваа ситуација, сигурна сум дека секој со својот сектор, освен тешките времиња успеал да пронајде и нешто корисно во сето ова.
А токму тоа корисно Росица Мршиќ, помеѓу другото, смета дека е можноста да посветиме повеќе време на себе и да го погледнеме секојдневието од поинаков агол. Од друга страна пак, веќе постоечките проблеми уште повеќе се нагласија:
-За глобалната модна индустрија ова значеше преиспитување на влијанието и брзината со која индустријата ги изработуваше и пласираше своите производи до конзументите. Големото и пре-димензионирано масовно текстилно производство, кое во трка по профит создаваше нови навики кај потрошувачите за често купување евтина облека, мораше да забави за да се прилагоди кон новонастаната ситуација. Овој глобален проблем на разорувачки отпечаток на текстилната индустрија, втор најголем загадувач на светско ниво кон животната средина, е присутен години наназад и за жал покрај многуте иницијативи и обиди да се решава, сè уште се провлекува и останува нерегулиран. Пандемијата и намалувањето на глобалното текстилно производство овозможи да се намали загадувањето и производството да стане порационално, планирано и да се доближи до потребите на потрошувачите наместо да произведува тони облека која завршува на отпад. Малите и локални модни брендови успеаја да ја нагласат нивната позиција како примери за одржливи модни приказни и примери за “slow-fashion”, затоа што потрошувачите стануваат сè повеќе свесни за негативното влијание на масовната текстилна индустрија и бараат брендови кои работат транспарентно и одговорно и со кои делат исти ставови и се поистоветуваат со нивниот етички однос кон создавањето модни парчиња.
Јована Филиповиќ пак, смета дека данокот што го зема пандемијата, допрва ќе се чувствува:
-Мислам дека данокот кој го зема пандемијата сè уште не ни е јасен колкав е, затоа што сè уште секојдневно сме оптеретени со неизвесност, страв, незнаење. Не знаеме дали и што уште ќе изгубиме, дали тоа ќе биде нешто или некој. Па така си живееме од ден за ден, принудени да учиме и да растеме секој нов ден. Изгубивме еден ”нормален” начин на живеење и работа, но сметам дека добивме нови идеи и нови сили за нови предизвици кои многу ќе ни помогнат за тоа што носи иднината. Ја изгубивме можноста да правиме ревии, слободно да ги претставиме колекциите кои со месеци ги спремаме, но добивме слобода на умот. Слобода и време да твориме на еден поинаков начин.
Креација во време на пандемија: Инспирација и реализација
Сепак, го свртевме погледот повеќе кон актуелната ситуација кај нас. Во тој поглед ги прашавме што им будеше инспирација изминативе две години и како ја искористија креативноста, која и покрај условите постоела, но морала да пронајде малку поинаков пат.
Во тој контекст, Филиповиќ вели дека ја инспирирало она што веројатно на повеќето најмногу им недостасуваше – слободата.
-Ме инспирираше минатото, сегашноста и иднината. Ме инспирираше слободата како поим. Луѓето околу мене. Емоциите. Последнава година работев на неколку нови колекции. Од кои едната колекција за Есен-Зима 2021-22 ќе биде колаборација со колешка - арт директор од Турција и која наскоро ќе ја претставиме онјлајн. А исто така, наскоро ќе ја претставам и Ресорт 2021 колекцијата.
За повеќето дизајнери ова значеше и нужно прилагодување на ситуацијата:
-Иако студиото не функционираше неколку месеци во тек на минатата година заради мерките за заштита од пандемијата, успеав да се прилагодам на условите и да создадам две сезонски колекции. За мене е важно да творам и постојано да барам нови предизвици во изразувањето и да ја надградувам сопствената естетика, од што произлезе и нова линија на модни додатоци/ марами кои се изработени со мој авторски принт и се наменети за современи жени со својствен израз. Оваа модна линија претставува надополнување на дизајните на Росица Мршиќ брендот, кој до сега има претставено неколку линии на модни додатоци: чевли, шапки, чанти, хулахопки и чорапи, накит... – вели Мршиќ.
Олгица пак вели дека е благодарна што ја задржала креативноста:
- Секако дека го променив концептот, затоа што во моментов немаме настани и фокусот го ставив на потребите на клиентите. Во исто време, паралелно работам костимографија за балетска претстава за Словенската опера и балет, така што времето и креативноста се испреплетени.
Откажувањето на свечените настани за Антонија значело менување на фокусот и пренасочување кон секојдневните комбинации:
- Како сите да мислевме (се надевавме :)) дека со ланското лето ќе заврши пандемијата, но сепак тоа не се случи. Нашиот бренд веќе години наназад ги промовира колекциите преку различни онлајн канали, со што минатата година тоа беше со засилени кампањи бидејќи другите начини на претставување на колекциите, како саеми за венчавки, билборди или настапи/настани на кои пријатели на брендот носат наши креации, не можевме да ги оствариме ради ситуацијата. Активностите и размислувањата моравме да ги пренасочиме согласно промените. Креациите за свечени пригоди и настани паднаа во сенка. Се вративме на креирање дневна облека и заштитни маски со интересни дизајни и висококвалитетни материјали. Додека се тоа го работиме, секако се надеваме на враќање во новата нормала и можност да изработуваме креации кои нашите клиентки ќе ги носат на нивните свечености. Мислам дека настаните кај нас сеуште ќе бидат со ограничен капацитет. И следствено со тоа, колекцијата која наскоро ќе ја промовираме има поедноставни парчиња. Модели кои се практични, едноставни, лежерни, и можат да се носат на повеќе настани, но сепак уникатни и грациозни, бидејќи секоја наша клиентка сака да изгледа посебно.
Македонска модна сцена – очекувања за престојниот период и како да ѝ се врати сјајот
Факт е дека македонската модна сцена бележи стагнација веќе години наназад. Модните настани се бројат на прсти, а и не се голем предизвик за веќе познатите модни имиња и брендови. Новата генерација пак, допрва треба да се изрази. Ги прашавме нашите соговорници што мислат, како ќе изгледа модната сцена дома после пандемијата, но и како да се врати стариот сјај или уште повеќе, да заблеска одново.
-Сметам дека модната сцена во Македонија ја прават индивидуалните чекори на модните дизајнери кои, за жал, не се во голем број. Оваа сцена е сè уште млада и треба уште многу да се развива за да може да се споредува и наликува со останатите сцени од регионот. Моите очекувања во однос на локалната сцена се да има повеќе млади и храбри дизајнери кои ќе допринесат сцената да биде подиверзитетна и со поголем креативен импулс, како и повеќе платформи и простори кои ќе го промовираат локалниот дизајн. Во Македонија модната сцена нема постојан раст, ниту константа во развојот. Таа е диктирана од поединци кои одлучуваат како и на кој начин ќе ја промовираат, претставуваат и формираат. За да се изгради успешна модна сцена треба колективно да се вложува труд за да се постигне зрелост, а зрелоста се постигнува со постојана присутност на пазарот со модни колекции, надоградување и развој, соработки со индустријата, пласирање на модните колекции надвор од земјата.... А во моментов нашата сцена е дефинирана од мал број мали дизајн студија и брендови кои посветени на постојан развој. Она што и е најпотребно на нашата кревка сцена е развој на можностите, и поддршка на малите студија и дизајнери за полесно да ги надминуваат ограничувањата на малите неразвиени пазари и поддршка за интернационализација на локалните брендови – смета Росица.
Олгица, смета дека од исклучителна важност е поддршката, пред сè помеѓу самите дизајнери.
-Нема да биде лесно, но јас сум оптимист по природа и би сакала да верувам дека ќе се најде начин да се излезе на еден пат. Ова е предизвик за сите нас, но од друга страна, натпревар со себе за секоја ситуација. Решение има за сè! Само треба да се дејствува! А што е потребно - заедништво, тимска работа, посветеност, иновативност, план, фокус, акција. Еден за сите, сите за еден!
Од друга страна, Антонија се осврнува и на поддршката од клиентите:
- Македонската модна сцена ја дефинира економската моќ на жената и нејзината решеност во континуитет да го негува својот стил на начин што го правела претходно. Во оваа криза модата директно ги чувствува последиците особено модата која е поврзана со настани, од една страна, а од друга страна се забележува колку модната сцена се повеќе функционира на комерцијалните принципи и колку во дизајнот уметничкиот израз е сè помалку присутен. Како што напоменав, модниот дизајн ги следи промените во секојдневието, па тоа ќе се случи или веќе се случува и сега.
Се надевам дека македонската модна сцена ќе се врати во оној нејзин раскош од пред 10-15 години. Но за ова да се случи, треба и мнението на луѓето да се промени. Во време на голема глобализација и огромен притисок на потрошувачите од страна на големите брендови, уникатноста и индивидуалноста како да се оставени на страна. Се надевам дека сè повеќе македонски жени и девојки ќе си ја пронајдат храброста да изгледаат различно, но сепак свои во нивниот стил. Да купите или нарачате парче облека од дизајнер е многу уникатно искуство, бидејќи не купувате масовно произведена облека, туку нешто кое е изработено само за вас, кое го носите како втора кожа на себе, а во процесот сте советувани од стручно лице за кој е најдобар материјал, боја, крој... Тоа е нешто што не е воопшто лесно достапно во другите земји, посебно во големите центри на модата.
Изминатата година беше период на големо прилагодување и стагнација во македонската мода, и би сакала да им порачам на читателите: купувајте домашно, купувајте квалитетно и поддржете ги домашните брендови. Сигурна сум дека на нашата модна сцена има барем по еден дизајнер кој го опслужува секој стил. Дозволете си да имате барем едно дизајнерско парче во вашиот гардеробер, кое ќе ве прави да изгледате прекрасно на важни настани, горди дека носите парче македонска уметност и ќе може да го оставите во наследство за генерациите кои доаѓаат.
Пандемијата како позитивен пресврт на креативноста
На крајот пак, ги прашавме дали проблемите во кои сега се наоѓа и нашата модна сцена, но и глобалната, можат да доведат и до позитивен тек, барем кога е креативноста во прашања, што добро и ново може да донесе. Нашите соговорници се оптимисти:
- Креативноста е нешто што нема граници. Доказ за тоа е и минатото. Креативноста секогаш имала начин да се ”возобнови” и да стане водилка за нови нешта – вели Јована Филиповиќ.
Росица Мршиќ смета дека секоја кризна ситуација наметнува поука и работите потоа се стремат кон позитивен правец.
-Креативноста постои и во кризни времиња, дури и е поизразена заради потребата од позитивни дразби, а формата и содржината на изразот е секогаш одраз на времето и условите кои ги живееме. Замрзнатото живеење ја зголемува потребата од креативно изразување со цел да се оплемени постоењето и живеењето во такво окружување.
Антонија Ристовска смета дека промените ќе бидат повеќе во насока на бавната и одржлива мода:
- Иако во целокупната пандемиска криза најголемиот акцент се стави на здравјето и прилагодување на сè во корист на зачувување на здравјето, сепак целото успорување даде придонес и за поинаков пристап кон создавањето и креативноста. Како што напоменав погоре, ние дизајнерите создаваме следејќи ги случувањата и потребите според општествените прилики. Коко Шанел ги промовира панталоните за жени во време кога тоа било незамисливо, бидејќи ситуацијата во светски рамки го наложувала тоа. Креативноста добива поинаков правец на креирањете облека. Од различен начин на набавување на материјали, до промена во процесите на изработка, до како се пласираат креациите до крајните купувачи, сите дизајнери почнаа да размислуваат како да ги намалат трошоците и како на поефективен начин да стигнат до нивните клиенти. Оддржливата мода ќе стане сè поважна и сè повеќе ќе се промовира спора мода, реупотреблива мода, како контра сила на брзата мода која веќе со децении се наметнува на новите генерации, иако е еден од најголемите загадувачи во светот. Така што, да, мислам дека ќе има позитивен тек во контекст на освестувањето на брендовите и крајните потрошувачи за се поголемата важност на внимателно дизајнирано, изработено и одбрано парче кое се носи со години – Ристовска.
Олгица Георгиевска е убедена дека без разлика какви и да бидат времињата, модата секогаш ќе најде начин да опстои:
-Мислам дека повеќето пробуваат и експериментираат во тоа што ќе биде актуелно во „новото време“. Сигурно ќе треба време за адаптација, но од друга страна, модата успеала да опстои со векови и поминала многу премрежја. Ја менува формата, но не и потребата. Верувам дека и ова е такво време. Жалам ако треба да се претвориме во “роботи“ - порачува таа.
Допрва претстојат предизвикувачки денови. За среќа, и овој текст покажува дека течението на креативноста не престанува и ќе го најде начинот да стаса идеја до реализација. Модната индустрија ќе мора да се менува, тоа истото би било добро да го направи и домашната модна сцена. А дали навистина ќе успееме едни на други да си дадеме поддршка и дали ќе ја добиеме и од оние од другата страна, како што посакуваат и нашите соговорнички, ќе покаже иднината. Но, сите заедно ја имаме сегашноста во која реално можеме да влијаеме со нашата работа.
фото: приватна архива на дизајнерите, instagram.com, pinterest.com, архива на сајтот