Антонио Берарди креираше за супериорните жени

10 февруари 2015

Пред-есенската колекција за 2015 на Антонио Берарди, ја профилира авторитетната деловна жена која заедно со себе во бизнис светот ја носи целата своја елеганција.

Целата колекција е прототип на андроген стил, но со совршено дозирана женствена димензија.

Во моќните мажествени кроеви со строги линии и ледено сивиот твид, мекоста и елеганцијата се постигнати со богатите везови облагородени со украсни камења, нагласената половина и нозете оголени со високиот шлиц кај дел од здолништата.

Кроевите на блузите се комплицирани со широки ракави и асиметрични исечоци, споени со класични панталони со невообичаена должина до под колена.

Класичните здолништа се заменети со сако-фустани кои повторно прават совршен спој на машко-женските кроеви. Елеци со дворедно закопчување се комбинирани со сексапилни здолништа со висок шлиц. Палтата исто така го следат асиметричниот крој што преовладува во колекцијата, па напред се пократки, додека во задниот дел се подолги и волуменизирани. Капутите пак се со широки ѕвонести ракави, а фустаните кои се со минималистичка линија што лесно ја следи женската силуета, повторно доживуваат модификација на функцијата со тоа што сега фокусот е ставен на задниот дел кој отвара гол дел од грбот, во V израз. Пеплум формата е поместена малку повисоко од вообичаено, па наместо на струк е позиционирана веднаш под градите или пак е поставена обратно.

Палетата на бои вклучува ледено сиви тонови, мат и сјајна црна, бела и црвена, секогаш во комбинација со различни дезени.

Врвна колекција на Берарди.

 

Објавено:
10 февруари 2015
Категорија: 
Колекции