Дихотомија помеѓу архитектурата и природата на вториот ден од PFW

27 февруари 2014

Пријатно изненадувачки, инвентивен и во знакот на дихотомијата помеѓу архитектонските форми и еколошките пораки, помина вториот ден на Париската модна недела.  Богатата разгледница од приказни на теми кои ги сплотуваат минатато и сегашноста, секојдневието и надреализмот, монохроматскиот изглед и хипнотизирачкиот колоритен принт, ги задоволија апетитите на одбраната публика. Правиме осврт на највпечатливите најави за зимските тенденции за идната сезона на: Vionnet, Рошас, Gareth Pugh, Alexis Mabille и Dries Van Noten.

 

Vionnet

Архитектонски крој со еко предзнак

По еден подолг период на монотонија и постојана потрага по она „нешто“ кое недостасува, модната куќа Vionnet конечно понуди една комплетно разработена и сосема достојна колекција во која од почеток до крај е нагласен архитектонскиот крој, но со еко предзнак. Како основната цел на брендот да била преку оваа колекција да поттикне враќање кон и сплотување со природата, но преку постојано контрирање со архитектонските форми. Флоралните принтови, светлите и позитивни бои, меѓу кои особено доминира зелената, ќе донесат пролет среде следната зима. Асиметричните топови составени од слоевити парчиња се комбинирани со исто така асиметрични здолништа со висок шлиц или широки панталони, кои по принципот на превртена пирамида, во горниот дел се широки, а се стеснуваат по должината на нозете.

 

Рошас

 Прва колекција на Алесандро дел Аква за францускиот бренд

Ова е колекција преку која дамата ќе се сретне со цврстиот став на панк движењето, па дури и со суптилни готик вибрации. Својата дебитантска колекција за францускиот бренд,  дизајнерот Алесандро дел Аква ја отвори со неколку силни стајлинзи кои вклучуваа пеплум топ, релаксирано здолниште и предимензиониран капут. Понатаму, низ целата колекција вниманието го одвлекуваат ракавиците со должина до подлактиците, а во интензивни живописни бои кои по некое непишано правило припаѓаат на топлата летна сезона. Навезените украсни камења повремено се појавуваат на здолништата и на кошулите и кратките палта. Иако верувавме дека пеплумот некое време ќе биде заборавен, сепак со оваа колекција на Рошас се најавуваат спротивни тенденции.

 

Gareth Pugh

Надрелистично снежно патување во светот на Нарнија

Фасцинантниот моден приказ на лошата снежна кралица од бајковитиот свет на Нарнија, ја донесе зимата со сите нејзини лица пред публиката на модното шоу на Gareth Pugh. Сите модели како да беа пресликани од некоја далечна снежна планета која нема ништо заедничко со Земјаните.  Со невообичаените, волуменозни и архитектонски силуети, брендот направил екстремни експерименти кои се чини дека носат висока доза на позитивна енергија. Белата боја е асполутно доминантна во еднобојните комбинации, повремено „скршнувајќи“ од „правилото“ со сјајна металик сива нијанса.

 

Alexis Mabille

Елегантен микс на комфор со гранџ вибрации

Оваа колекција е наменски создадена за жени во постојана динамика со времето, едноставен  премин помеѓу комфорниот дневен и елегантниот вечерен изглед.  Повторно доминираат асиметричните кроеви, особено кај здолништата кои завршуваат над колена, струкот е нагласен со хиперболизирани панделки,  а карираниот дезен е прилика гранџ вибрациите да се чувствуваат низ целата колекција.

 

Dries Van Noten

Хипноза со фузија од принтови

Понекогаш, машките колекции се прецизна прогноза за она што може да го очекуваме од оние наменети за жените, токму како во овој случај каде предимензионираните модели се тотално урбани, но и женствени. Dries Van Noten со колекцијата за есен-зима 2014 буквално хипнотизира со изборот на колоритните принтови кои невозможно е а да не го привлечат вашето внимание, до толку се вијателни во целата приказна. Врската помеѓу интензивната виолетова, жолта и портокалова е доволно силна да стане препозналив знак за новата едиција на брендот.

 

 

 

Објавено:
27 февруари 2014
Категорија: 
Колекции