Вториот ден на Париската модна недела H&M го истражуваше космосот, Рошас вибрираше во знакот на женственоста од 50-тите, а Дрис Ван Нотен го приземи гламурот преку колекција која донесе ориентален шмек.
H&M – патување на релација Земја-Месечина
Ако завчера Ентони Вакарело ни ги симна ѕвездите, вчера шведскиот бренд H&M ни обезбеди билет до Месечината. Во целата колекција се рефлектираше месечевиот сјај, со повремено враќање на Земјата преку принтовите и земјените тонови во кафеави и портокалови нијанси.
Она што се забележува на прв поглед се модните додатоци: огромните чанти и качкетите со кои се заокружени повеќето стајлинзи. H&M е етикета што ги следи апетитите на потрошувачите, па затоа и овој пат го продолжува трендот на предимензиониранти палта и блузони. Комбинација на дебели плетенини со „полесни“ материјали, комбинезони, здолништа и панталони со висок струк, се’ беше во име на спортско-елегантниот стил.
Рошас – ултра женствени вибрации
Хероините од филмовите на Хичкок го вратија гламурот на 50-тите на ревијата на Рошас кои годинава одбележуваат јубилеј од 90 години. Дамскиот изглед секогаш оди заедно со нагласена половина, па во оваа колекција токму нагласената половина со дебел ремен, ги поврзуваше сите изгледи. Ултра женствената колекција имаше и блага нота на ексцентричност благодарение на модифицираните корсети со карнери. Врзувањата во панделки околу врат и принтовите-птици на свилените фустани и здолништа, ќе останат како највпечатливи детали од оваа колекција која вибрира во знакот на женственоста.
Дрис Ван Нотен – цветна рапсодија
Приземен гламур беше основната тематика на колекцијата за есен-зима 2015 на Дрис Ван Нотен. Богатите материјали, брокатот и крзното го донесоа гламурот, а слоевитата и вреќеста облека го приземи. Флоралниот мотив е застапен во неколку различни форми: флорален дезен, принтови и масивен накит, со што Дрис Ван Нотен се приклучи на целата армија дизајнери кои го фаворизираа цвеќето во своите колекции.
Ориенталниот шмек преовладува низ целата колекција во која е задржана хармонијата и покрај слоевитите спарувања и изобилството на материјали, бои и форми.