Џејсон Ву ја отвори Модната недела во Њујорк со практична колекција

15 февруари 2021

Ако во минатото пазарењето беше инкогнито задача, па во маркет одевме во тренерки, со јакна и капа и очила и без шминка, пандемијата тоа донекаде и го промени. Не дека сега одиме да пазариме во балска тоалета, но бидејќи единствениот излез ни е до маркет, дефинитивно вложуваме малку напор во разубавувањето.

 Оваа новонастаната динамика ја препозна дизајнерот Џејсон Ву, па за есен 2021 дизајнираше колекција која пополно влегува во овој шаблон. Самата сценографија беше исполнета со рафтови овошје и цветови, што допринесе за целосната приказна.

Облеката се опишува со зборот практична. Колекцијата сама по себе е женствена, лесна за комбинирање, со убав зимски колорит на потемни нијанси како морската сина, црна, сива, а сепак умерено разиграна со црвени и бели тонови. Кројот ја следи линијата на телото во фустаните, капутите, здолништата под колена,  издолжувајќи ја фигурата.

Плетените парчиња се присутни, како и ресите кои го диктираат трендот. Кошули со врзување околу вратот, весели принтови, цветни принтови, карирани принтови. На нозете скоро сите изгледи беа комбинирани со чизми од змиска кожа во кафеави, бледо розови и црни варијанти.

Колекцијата го отсликува умерениот стил на Џејсон Ву и она на кое ретко дизајнерите внимаваат, дури и кога е во прашање ready to wear колекција - практичноста на парчињата. А имајќи на ум дека новово нормално ќе потрае, практичноста не е луксуз туку потреба.

Објавено:
15 февруари 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
353 пати