Во колекциите на Ели Сааб никогаш не недостасува драма и раскош. Кога е во прашање овој либански моден волшебник, очекувањата секогаш се поголеми во однос на секоја претходна колекција.
И овојпат ги оправда. Во новата „haute couture" линија ги интерпретираше сиот раскош и грациозност на паунот, што даде уште поизразен интензитет на неговата палета егзотика и луксуз.
Претпоставувате, пердувите се водечка референца.
Кај првите три креации што спектакуларно ја отвораат ревијата, целата есенција на дизајнот е токму во пердувите, а како парадираат моделите на писта, нивното присуство е постојано, но прецизирано во впечатливи детали.
Формите на момент се волуменозни и доминантни (токму како и паунот кога раскошно ќе ја отвори опашката), на момент сведени и елегантни, но подеднакво впечатливи и вредни за внимание.
Силната црвена боја на стартот од ревијата, ја носи целата доминација и драматичност, за понатаму палетата да премине во пастелни, нежни, бронзени и сребрени нијанси во кои се обоени отмените тоалети навезени со камења, мониста, магија и раскош.
За прв пат Ели Сааб понуди и машка верзија на својот „haute couture" луксуз, па понуди и неколку интерпретации на неговата препознатливост во комбинации за мажи кои сакаат да бидат забележани.