„Сега не е време да сме тажни“, изјави Силвија Вентурини Фенди во емотивна изјава зад сцената пред почетокот на ревијата на Фенди на која беше прикажана последната колекција на големиот Карл Лагерфелд.

Сосема во негов стил, во колекцијата тој сместил парчиња кои потсетуваат на работата на брендот низ годините, ставајќи акцент на нагласените рамена, впечатливите панделки што ќе бидат голем хит сезонава, кошулите со строги јаки, панталоните со висок струк, совршено скроените палта, дамските фустани и што уште не.

На дел од парчињата беше вметнато нивното познато лого што самиот Карл го има создадено во 1981 – та година, а кое овојпат беше малку видоизменето.

Дизајнерот ниту овојпат не заборавил на добрите и стилски модни додатоци по кои брендот е познат, па така можевме да видиме многу тренди чанти во омилените бои на модната куќа за кои многумина посочија дека ќе бидат вистински хит следната сезона.

Секако, во колекцијата имаше и крзнени парчиња со впечатливи џебови, а крзнени детали имаше и на голем дел од останатите парчиња.

Совршени беа и чевлите со кои парчињата беа комбинирани, претежно високи чизми во јаки и впечатливи бои, а вистински хит беа и хулахопките со логото на брендот.

И музиката и сè останато што можевме да видиме на вчерашната ревија на Фенди беше ода за неодамна починатиот дизајнер, а дека манекенките го обожаваа докажаа со нивните изјави во кои посочија дека биле среќни што го познавале и што имале можнoст да работат со него.

Објавено:
22 февруари 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.263 пати