Преку 350 соработници, луѓе и љубители на светот на модата присуствуваа вчера во дворот на палатата на принцот и принцезата од Монако на втората ревија на Никола Гескијер за Луј Витон, а прва ресорт.
Поставеноста на гостите беше таква да сите присуствуваа во првиот ред, а манекенките се движеа по писта, на која имаше ефекти од течение на вода, што дополнително го збогати севкупниот ефект на ресорт колекцијата. Така, со помош на визуелните ефекти пистата беше своевидна посвета на медитеранската обала, на која шоуто и се одржа.
Како велат од брендот, голем дел од замислата за севкупната организација и изглед на шоуто се погрижила и принцезата Шарлин од Монако, која сакала токму Монако да биде дел од светскиот моден календар. Така, нејзината визија била релизирана, а од брендот не го кријат задоволството што биле дел од тоа. Всушност, во палатата на кралското семејство за првпат е организирана модна ревија, на која покрај принцот Алберт и принцезата Шарлин присуствуваа и Шарлот Геинсбург, Џенифер Конели, Алер Ексарчопулус, Мирослава Дума и уште многу други личности од модната сцена.
Она што уште на прв поглед се забележува е ретро нотата - дизајнерот инспирацијата ја црпел од 1970-тите, но имајќи предвид дека во претходната модна презентација во март беше воден од 1960-тите, преминот во следната декада не изненадува.
Долгонајавуваното шоу беше проследено со голем интерес, а првите впечатоци се дека дизајнерот создал младешка ресорт колекција, со мноштво контрастни бои и материјали, создавајќи дисонантен ефект. Нешто за што сметате нека е неспоиво, Никола го спои. Кожа, тантела и спортски елементи, особено оние специфични за нуркачките спортови (кои дизајнерот ги обожува) е еден дел од комбинациите. Принтови кои потсетуваат на алги и корали беа исто така составен дел од колекцијата.
Преку креациите и материјалите се препознаваат и коцкасти принтови, кои многумина ги потсетија на трките на Формула 1, едно од нештата по кои Монако е препознатлив.
Сепак, покрај шаренилото на принтови и бои, не може а да не се споменат здолништата со нерамен раб кои најчесто се со должина до колена, како и оделата со панталони, истакнати во пределот на половинатa, а дел од нив се еднобојни.
Особено впечатливи се модните додатоци, кои не бегаат од препознатливото шаренило на оваа колекција.
Во продолжение погледнете ја целата колекција на брендот.