Гламурозната женска убавина прославена на последниот ден од модната недела во Њујорк

14 февруари 2014

Њујорк вчера ги заокружи неколкуте успешни денови исполнети со елегантна и гламурозна женска и помалку машка мода. На големото финале свои колекции прикажаа некои од најдобрите – Марк Џејкобс, Ралф Лорен и Калвин Клајн. Големите дизајнери за следната сезона прикажаа беспрекорно елегантни колекции, исполнети со многу крзно, пердуви, женски костими, плетени џемпери и многу пастелни бои. Според многумина, овогодинешната модна недела во Њујорк ни ги даде можеби досега најносливите парчиња. Шармантни бунди, крзно во пастелни бои, плетеници, женски елегантни костими, волуменозни зимски палта и минимална шминка се најголемите трендови од овогодинешните модни шоуа во Њујорк. Во продолжение погледнете ги модните ревии од последниот ден во Њујорк.

Ралф Лорен

Светот на Ралф Лорен е вистинска легенда – софистициран, грациозен, авантуристички. Тој секогаш, при секоја прилика не потсетува за големината на жената и нејзината убавина прикажана преку неговите одлични парчиња. На вчерашната ревија во Њујорк тој ни прикажа неколку различни светови. Ревијата ја отвори со парчињата од неговата соработка со Поло, кога прикажа модерна девојка која неверојатно се забавува низ улиците на Париз. Сите парчиња беа неверојатно колоритни, а дизајнерот успешно направи тренди комбинации од урбани џемперчиња со куси црни здолништа, но и зимски јакни во интензивни бои. Ревијата продолжи во сосема поинаков правец кога на пистата излегоа девојки како од вестерн филм. Дизајнерот продолжи во ритамот на Дивиот запад, претставувајќи урбани и тренди парчиња во земјени тонови, прикажани преку тесните кожени панталони, кафените зимски јакни, лелеавите цветни фустанчиња и уште многу други парчиња. Дизајнерот воопшто не погрешил и кога станува збор за модните додатоци, претставувајќи модерни шешири во кафена боја, зимски плетени капи, сандали во комбинација со чорапи, но и супер кожени чанти во земјени бои. Од Дивиот запад дизајнерот се префрли на романтичните француски улици, претставувајќи една поинаква, сосема женствена и елегантна девојка. Прекрасните костими во сива боја, плетените розови џемпери, лелеавите пастелни долги здолништа и крзнените модни додатоци беа можеби најубавите за совршен крај на модната недела во Њујорк.

Ralph Lauren

Калвин Клајн

Одличниот Франциско Коста уште еднаш покажа дека е исклучително добар дизајнер со неговата колекција за Калвин Клајн во која главна тема беа секако плетениците, претставени на еден поинаков и иновативен начин. Сите парчиња што тој ги прикажа на пистата беа неверојатно удобни и топли, едноставно како создадени за студената зимска сезона. Претежно, на пистата можевме да видиме плетени фустанчиња или комбинации од плетена блуза и тесно здолниште со должина до под колената. Боите, претежно слични како и кај останатите – бела, црна и по некоја кафена нијанса. Во неговата колекција имаше и одлични, секако волуменозни палта, во бела боја, но и такви во земјени нијанси. Франциско Коста ја претстави неговата есенска жена како „многу урбана, свежа и млада со помалку „џипси“ стил“. Во едно студено, врнежливо и тмурно попладне, зарем една жена треба да побара повеќе од ова?

Calvin Klein

Марк Џејкобс

Њујорк вчера имаше можност да биде сведок на првото самостојно шоу на Марк Џејкобс откако тој стави крај на работата за Луј Витон. Неговата колекција беше супер шик, со нежни фустани што се слеваа по женското тело, шармантна свила и интересна фризура и шминка кај моделите. Пред почетокот на шоуто, дизајнерот посочи дека сакал да создаде многу свежа, светла, мека, нежна и свежа женска колекција со неутрална палета на бои. Според прикажаното, се чини дека тој го постигна токму тоа. Сите парчиња беа во свежи бои и нежни и меки на допир. Сите модели имаа навистина впечатливи фризури, перики со ленти на главата и минимална, бледа шминка. Дизајнерот на пистата претстави еден вид жена – воин преку елегантните светкави фустани, интересни панталони, плетени џемпери, транспарентни блузички и супер чизми над глуждовите. Според прикажаното, може да посочиме дека дизајнерот имаше супер самостоен старт со одлична колекција што ќе ја обожаваме следната сезона. П.С – Да не заборавиме, Кендал Џенер беше ѕвезда на шоуто на Марк Џејкобс!

Marc Jacobs

Објавено:
14 февруари 2014
Категорија: 
Колекции