Модната недела во Њујорк заврши вчера и тоа со четири впечатливи модни шоу-а. Сепак, она што најмногу привлече внимание беше модното деби на Лејди Гага на писта, во рамки на ревијата на Марк Џејкобс.
Во продолжение ви го претставуваме најдоброто од последниот ден, што го одбележаа ревиите и на Ралф Лорен, Келвин Клајн и J.Mendel.
Авангардното шоу на Марк Џејкобс
И покрај познатите модни ѕвезди што прошетаа по пистата на вчерашното шоу на Марк Џејкобс, сепак најмногу се зборува за појавувањето на Лејди Гага, која несомнено го украде сето внимание. Со оглед на тоа дека колекцијата беше во гранџ/готик стил, пејачката со платинеста коса, бледо лице и темен кармин, беше и повеќе од добар избор.
Со гломазни металик платформи, еден од највпечатливите модни елементи на колекцијата и широк капут, Лејди Гага без било каква изразност на лицето мошне професионално го сработе она за што нејзиниот пријател Џејкобс ја замолил.
-Му кажав на Марк дека сум разочара што обувките не се уште повисоки – изјави пејачката зад сцената.
Дизајнерот понуди нешто сосема поинакво. Некои се задоволни, некои не, но доколку целта била да се предизвика реакции, тогаш оваа колекција не остави никого рамнодушен.
Освен волуменозните капути, впечатливи беа и долгите здолништа од перфорирана кожа, кожени ракавици, спортски маици со натписи и плетени модни додатоци. Марк успеа да ги спои во една приказна џинсот, кожата, крзното, цветните и точкести принтови, а резултатот е авангардна колекција која со сигурност ги освоила љубителите на ваквата естетика.
Софистицирана, британска модна приказна на Ралф Лорен
-Колекцијата за почнува со вистински луксуз. Сè е неверојатно меко, софистицирано. А потоа се надоградува – изјави дизајнерот пред самиот старт на ревијата.
Речиси целата колекција е инспирирана од машката облека, како референца на англискиот кантри живот. Лорен посебно внимание обрнува на материјалите, создавајќи како вели, луксузен микс од кашмир, фланел, дел од шкотските карирани ткаенини, везови и тоа во топла палета на бои (најчесто во кафени нијанси). Прикажаните парчиња изгледаат класично и строго, а сепак примамливо. Едно од највпечатливите е палтото во пачворк техника, изработено од твид во кафени нијанси.
Скриен сексапил во колекцијата на „Келвин Клајн“
Тимот на модната куќа се обиде да создаде колекција која ќе изобилува со еротика и сексапил, но на прикриен начин, што ќе ја разбуди фантазијата кај секого. Андрогеноста се провлекува низ целата колекција, претставена преку машките кроеви. Од боите доминира црната, како и црно-белите комбинации и принтови.
Палта, јакни и едноставни фустани се парчињата од кои најмногу е сочинета колекцијата. Посебно внимание привлекуваат крзнените парчиња, во комбинација со кожените. И покрај луксузниот изглед, сите употребени крзна се вештачки.
-Постојат студии и начини како да создадете вистинска ткаенина што ќе личи на природно крзно, за што јас искрено се залагам – изјави креативниот директор Франциско Коста.
J.Mendel ја имаше најженствената колекција на вечерта
Жил Мендел пред њујоршката публика претстави елегантна и сведена колекција. Со употреба на впечатливи бои од една страна и пригушени тонови од друга, тој создаде парчиња што ја брануваат фантазијата. Без големи експериментирања во кроевите, Жил понуди нешто што секоја дама што ја негува женственоста ќе го посака. Здолништа и фустани со страничен шлиц, крзнените детаљи, како и дозирано светкавите креации ја заокружија неговата приказна која вклучува и сексапил и луксуз. Посебно внимание привлекуваат суптилните везови, кои исто така придонесуваат за богатиот впечаток на парчињата.
Модниот свет веќе се префрла во Лондон, каде денеска официјално започнува тамошната модна недела за сезона есен-зима 2016/17, која ќе трае сè до 23-ти февруари.