Ирина Тошева го објави едиторијалот за „Енхалон“ и ја лансираше новата веб страна

20 април 2015

Македонската модна дизајнерка Ирина Тошева го објави едиторијалот за нејзината нова колекција „Енхалон“ за пролет-лето 2015, која неодамна ја промовираше во рамките на Модниот викенд Скопје.

Препознатлива па изборот на интересни локации кои секогаш ја раскажуваат приказната што стои зад колекцијата, Ирина и овој пат направи избор на локација која ќе зборува за нејзината инспирација за новата колекција – градот Струга. Па затоа, фотографиите се направени во хотелот „Изгрев“ и на неколку локации во Струга.

 

„Секогаш кога сум во потрага по инспирација се изолирам и долго време поминувам токму на локациите каде е снимана фотосесијата. Затоа, овој пат, тргнав токму од локациите. Сакав да се оддолжам на околината која ми дава мир и креативност. “ – изјави Тошева.

Слободна, аморфна, мирна и ладна, дива и моќна. Вода. Нуркаме  во длабочините на Енхалон- колекција што е именувана по старото име на Струга, со која дизајнерката потсетува дека  водата е извор на сиот живот, и дека таа како и модата никогаш не исчезнува туку само ја менува својата форма. Разиграни принтови и интересни кроеви ,  мек сензуален памук и сјаен штоф  сатен ќе ја разбрануваат нашата фантазија.

Фотографиите се на модниот фотограф Миладин Паповиќ, креативен директор е Кристина Манчева, шминката на Виктор Мирчевски, фризура Сашка Кузмановска, модел е Ивана Гелева од модна агенција „Подиум“. Едиторијалот е надополнет со накит и часовници на “My Time”, очила на оптика „Panda Optic” и чевли на “Chantel”.

Колекцијата по Модниот викенд Скопје, патуваше и во Љубљана,Словенија на тамошната Модна недела, од каде Ирина се врати со нови искуства и позитивни критики.

Паралелно со новиот едиторијал, Ирина ја промовираше и нејзината нова интернет страница www.irinatosheva.com каде ќе може да се запознаете комплетно со професионалниот профил на дизајнерката, а во рамки на истииот функционира и виртуелен бутик преку кој моделите на Тошева ќе се достапни со само неколку клика.  Дизајнот на интернет страницата коренспондира со естетиката на брендот.

„Енхалон“ ќе биде достапна за продажба во нејзиното ателје во Скопје, во Lotus Design Store во Сити мол и низ целиот свет на irinatosheva.com

IMG_1058 as Smart Object-1

Објавено:
20 април 2015
Категорија: 
Колекции