Мајкл Корс ги почести неговите обожаватели со одлична колекција за есен 2015, составена од неверојатно тренди парчиња за кои веруваме дека ќе станат клучни во машкиот плакар.
Тој направи одличен спој на класичните и елегантни парчиња со некои моменти од модата од 60 – тите што неодоливо се провлекуваат речиси во секоја комбинација.
„Во оваа колекција сакав да ги спојам класично скроените парчиња со некои лежерни детали за мажите секогаш да се чувствуваат удобно. Сега, мажите ќе можат да носат шик класика и во канцеларија, но и во петок навечер“, изјави дизајнерот.
Дел од колекцијата се совршено скроени фармерки претежно во темни бои, но и лежерни панталони со џебови по страните и неколку чифта сосема елегантни и совршени за студените есенски денови.
Дизајнерот креираше и тренди зимски јакни со крзно, класични палта со војнички мотиви, но и одлични долги капути и куси кожени јакни во кои ние дефинитивно сакаме да ги видиме нашите мажи!
Самиот дизајнер ќе каже дека неговите омилени од колекцијата се кусите џемпери со V – израз и копчиња во предниот дел, низ кои неодоливо се провлекува една софистицирана, ретро нота.
Што се однесува до модните додатоци, одличниот дизајнер прикажа неколку впечатливи вратоврски со леопард принт, но и волуменозни, кожени чанти со сличен принт.
„Сакам моите парчиња да бидат првото нешто што секој маж ќе може лесно да го комбинира наутро. Се обидувам на секој начин да им го олеснам животот во поглед на модата“, вели Корс, додавајќи дека не мора да бидете принцови за да си ги дозволите неговите парчиња.
Без разлика на сѐ, тој е еден од дизајнерите што досега прикажаа вистинска машка мода за следната сезона и за која веруваме дека мажите ќе му бидат благодарни!