Луј Витон и Миу Миу за крај на PFW

12 март 2015

Луј Витон - убавина и естетика во нивната елементарна и најчиста форма

Никола Гескјер е се посигурен на својата позиција-креативен директор на Луј Витон и се поудобно се чувствува во своја кожа, а тоа го потврдуваат се поуспешните колекции што од една во друга сезона се надминуваат.

Последната колекција на Луј Витон која ја заокружи Париската модна недела, е континуиран приказ на веќе препознатливиот микс на рокенрол и ретро. Гескјер ни ја долови амбицијата на една современа,  „cool“ девојка која го присвоила гламурозниот крзнен капут од плакарот на својата мајка.

Убавината и естетиката се прикажани во нивната елементарна форма. Перфектно скроени мини кожени здолништа, раскошни крзна, бунди до колена, геометриски исечоци, ремени-синчири, нагласени рамена, животниски принтови, волуменизирани ракави, а суштината на се’ е во совршените кроеви.  На крај, глам-рок приказната беше заокружена со футуристички коцкасти чанти налик на ковчеже.

 

Миу Миу – слободна игра на принтови

Миуча Прада за следната зимска сезона, акцентот го стави на слободната игра на принтовите и текстурите.  Изобилство на бои, кроеви и релјефни текстури ја рефлектираа позитивната визија на креативната директорка на Миу Миу.  Ревијата ја отвори капут – разиграна и откачена верзија на стилот на Шерлок Холмс под кој ѕиркаше кошула со пруги и лакирано здолниште со релјафна змиска текстура. Понатаму се беше во знакот на карнерите, слоевитите спарувања, „неспоивите“  комбинации на карирано, пепито и шарени дезини, здолништата со висок струк и челите кои во најголем дел завршуваа во шпиц.

Јаките и интензивни бои, во вечерните изгледи беа смирени во комбинација со црна, но драмата го задржа нивото благодарение на масивниот накит, обетките и ѓерданите, како и впечатливите јаки со карнери. Од богатата палета на бои, фокусот беше ставен на лимон жолтата со која беа нагласувани оние моменти за кои Миуча сметала дека треба да го украдат вниманието на публиката.

 

Објавено:
12 март 2015
Категорија: 
Колекции