Модната бајка на Долче и Габана раскажана со сицилијански шарм

24 февруари 2014

Со текот на годините оваа модна етикета стана синоним за елегантен изглед, инспириран од бајките, па според тоа модното шоу за сезоната есен-зима 2014/15 не се разликува многу од она што претходно сме имале можност да го видиме.

„Еднаш многу одамна во Сицилија...“, беше насловот на поканата за модниот перформанс на италијанската модна куќа Долче и Габана која што изминатиов викенд пред бројна публика на еминентни имиња од модната индустрија и светскиот шоу бизнис ја претстави својата колекција за наредната сезона есен-зима 2014/15. Славната модна двојка уште еднаш го понесе ореолот за одлично сработената работа и остана доследна на својот стил, потекло, култура и традиција. Од моментот кога се дигна завесата на писта се отворија крошните на дрвјата и зелената трева кои не поведоа во забавна прошетка низ маѓепсаната шума, обоена со висечки гламурозни лустери и ледено-бели кафези за птици.

Шоуто стартуваше со саудтракот „The Dance Of The Sugar Plum Fairy“, а продолжи со звуците  „Оревокршачка“ и двете композиции се дел од работниот опус од легендарниот Чајковски. Во прекрасната и неверојатно волшебно романтична атмосфера, моделите излегоа на писта носејќи креации од тантела на кои беа аплицирани животни, лисици, буфови со големи очи и верверички, крзнени големи капи, тоалети со скапоцени камења во комбинација со рамни обувки и високи модели на чизми изработени од блескави елементи. Ликовите од приказните уште еднаш послужија како инспиративна нишка за линијата на Долче и Габана, па во склоп со шоуто можевме да ги видиме галантните хероини како ја спасуваат Малата Црвенкапа, која што брилираше на писта со црвената наметка изработена од шифон. Ги видовме и омилените принцези на сите деца во светот Пепелашка и Снежана, чии визии беа во стилот на наметката на Црвенкапа, извезени со цветни дезени и принт со клучеви кои комплетно наликуваат на оние  кои сме ги виделе само во бајките.

Фустаните главно беа изработени од свила која претходно е обработена, стегнати на половината во комбинација со украсни корсети што на целото шоу му додадоа умерена доза сексапил. Најголемиот фокус падна на дизајните инспирирани од темниот Среден век, каде главна протагонистка на пистата беше Злобната кралица од приказните на Браќата Грим која носеше фустани целосно изработени од светки во комбинација со ракавици што имаа за цел да ја истакнат дамската страна и моќта на жената.

Фустаните во мини верзија беа скроени од најфин и најквалитетен брокат, украсени со златни копчиња и украсни детали, комбинирани со модифицирани „танчерски“ рамни обувки или чизми до глужд. Фантастични беа и коктел фустаните, со кои што се затвори и шоуто. Една плејада на девојки во сребрено-црни фустани, кои што модели ќе ги потпишат сите забави во иднина. Силуетите на кроевите и формите се претежно лабави, со пропорции кои потсетуваат на 60-тите години.

Кога станува збор за модните додатоци, модното дуо остана доследно на својот „ројал“ стил. Малите чанти, дел во цврсти правоаголни и коцкасти форми иработени од метал, а дел во форма на популарните паричници од 60-тите години, украсени со бројни светкави камчиња во разни бои и златни материјали соодветно се вклопуваа во бајковите изгеди на моделите, а поради нивната оригиналност и убавина ги крадеа воздишките на публиката.

Во поглед на шминката, изгледот на моделите беше едноставен. Блескава кожа со розово руменило на образите, очите беа нагласени со матирана бела сенка, туш и маскара, за да се постигне ефектот на мачкин поглед и суптилен кармин за усни во светло розова и сјајна нијанса. Фризурите уште поедноставни, собрани позади над вратот во мала пунџа, слободно врзана, без строги линии за да се нагласи природната визија на изгледот.

На претпоследниот ден од големото финале на Миланската модна недела, на шоуто кое го приреди брендот Долче и Габана, покрај феноменалната презентација, особено големо внимание предизвика и првиот ред каде можевме да ги видиме Моника Белучи, Ева Херцигова, Ана Дело Русо, Бјанка Балти, Дејвид Ганди и многу други.

Моника Белучи Моника Белучи

Во срцето на оваа линија се крие раскошот, елеганцијата и магичната форма. Ова е уште една потврда дека тајните на модниот занает доколку се искористат правилно и на вистинскиот начин можат да имаат среќен крај баш како во приказните.

 

Во продолжение уживајте во визуелното раскажување на модната сицилијанска бајка на фамозното дуо Долче и Габана:

Објавено:
24 февруари 2014
Категорија: 
Колекции