Триесет и седмото издание на Белградската модна недела, оваа година под ново име Black ‘n’ Easy Fashion Week, заврши вчера.
Во деветте дена колку што траеше (од 20-ти до 29-ти април), на овој моден настан земаа учество дел од најпознатите дизајнери во Србија, со посебен акцент на авторската мода.
Настанот вклучуваше и едукативна програма, како и традиционални претставувања во рамки на Модни вињети.
Освен домашните, српски дизајнери, Белградската модна недела им посака добредојде и на дизајнери од странство, меѓу кои годинава беше и нашиот Златко Јовановски.
-Српската модна сцена е огромна, белградската публика многубројна, па токму поради тоа отсекогаш ми било предизвик да бидам дел од модните случувања таму. Со оглед на тоа дека имав и други обрски, не се одлучив да учествувам сè додека не се спојат коцките. На мое огромно изненадување, голем круг на луѓе знаеја точно кој сум и често ми делеа комплименти за моите невообичаени и уникатни стајлинзи. Ме воодушеви што некој ја цени мојата храброст, уникатност и работа – вели Златко.
Освен со креации, како вели, тој бил единствениот што презентирал и свое модно видео, кое го направил во соработка со Марина Трајковска. Всушност, видеото било интро за ревијата што следела, а реакциите биле мошне позитивни.
-Околу севкупната организација ми помогна и модната агенција „Модни Свет Србија“, со која подолго време соработувам и веќе подготвуваме идни соработки – најави дизајнерот.
Во продолжение ви прикажуваме дел од претставувањето на Јовановски и останатите учесници на ова 37-мо издание на модната недела во Белград.