Нова колекција: Ели Сааб помодерен од било кога

18 јуни 2018

Либанскиот дизајнер Ели Сааб неодамна ја презентираше новата ресорт колекција за 2019 година. Првите впечатоци се дека ова е нешто ново од дизајнерот, нешто помодерно и наменето за урбаните дами.

Сепак, нема да згрешиме ако речеме дека колекцијата е со бохо нота и изобилува со романтични елементи. Фустаните со пуплин и тантела се фантастичен летен предлог, како и парчињата со везени елементи, што потсетуваат на гоблени.

Еднобојните парчиња изгледаат софистицирано, додека принтовите што се вклучени (цветен, животински) ја прават уште подинамична и безвременска. Сепак, присуството на интензивни и весели бои ја прават уште попривлечна и свежа.

Меѓу комбинациите има и такви кои дефинитивно се со ретро предзнак, па по кројот и боите потсетуваат на 60-тите. Од друга страна, црните комбинации со нитни и реси се за оние што сакаат посекси и поопасен изглед.

Иако оваа колекција не е нешто невидено досега, сепак Ели Сааб успеа да ги изненади своите следбеници и да придобие нови. Дизајнерот направи дистанца од тешките тантели и светкавите материјали. Тој сè уште ги користи, но на еден нов и посовремен начин, кој дефитивно ќе му донесе нова публика и клиентела.

Како Ви се допаѓа новата колекција?

 

Објавено:
18 јуни 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
7.414 пати
Извор: 
WWD