Лукбукот кој што колективно одзема воздишки за пред-есенската колекција на модната куќа Сен Лоран е фотографиран од самиот креативен директор на брендот Хеди Слиман. Понесени од амбиентот и набојот на филмските вибрации во „Градот на ангелите“ во декември минатата година се ткаеше монохроматската фотографска лента за лукбукот.
Црно-белата приказна е целосно инспирирана од претходниот работен ангажман на Слиман. Станува збор за снимање на видео записот за спотот на Куртис Хардинг за неговиот саундтрак насловен „Why?“, амбиентиран во боемски стил на ’70-тите, што воедно е и омилениот период на креативниот директор, каде што главната хероина ја игра Хартсел. Оваа соработка беше доволен стимул кој што ја разбуди модната фантазија на Слиман, а резултатот е повеќе од фантастичен.
И додека ние сме целосно обземени со пролетните сончеви зраци, тимот на Сен Лоран не води на прошетка низ есенското кралство на црно-белите нијанси. Користејќи ја андрогеноста како главен мотиватор, дизајнерот сака да ни долови поинаква рокенрол перцептивна естетика, обвиткана во сензуалните, модерни и носталгични ноти на боемската атмосфера.
Колекцијата вклучува монохроматско богатство од бои и плејада на класични, елегантни и неверојатно удобни парчиња облека. Линијата креира моден мозаик на панталони, сакоа, палта, комбинезони, здолништа, фустани, кошули, чанти, чевли, ракавици, ремени, накит изработени главно од џинс,кожа, крзно и метални украси, како водечки материјали во креирањето на ремек делата. Грејс одлично ги износи модните комбинации и со затскриена доза на провокативност и срамежлива збунетост успеа да ја долови специфичната визија на Слиман.