Експлозијата во Бејрут му нанесе голема материјална и емотивна штета на дизајнерот Зухаир Мурад, за што и отворено зборуваше.
Сепак и покрај уништените канцеларии, ателје и бутици, неговата работа не застана.
Неодамна ја претстави колекцијата за следната пролет, со која (според првите реакции) повторно го привлече женското внимание.
Вели, инспирацијата ја нашол во ограниченото движење и неможноста да се патува. Колекцијата започнува со црно-бели креации, со кои како да сака да нагласи дека без движењето, спознавањето на места и луѓе, светот ќе биде црно-бел.
Но, црно-белиот почеток на оваа модна приказна продолжува во цветен принт, како јасна асоцијација на пролетта и новиот живот, за потоа да добие кулминација со креациите во интензивно зелени, црвени и виолетови креации.
Втората половина е повторно резервирана за црно-белите креации, за на крај приказната да заврши во златни тонови, што може да претставува славење на животот, но воедно и победа на оптимизмот во целата ситуација во која светот годинава се наоѓа.
Од друга страна, доколку креациите буквално се толкуваат, тогаш ќе речеме дека се работи за препознатлива колекција на дизајнерот која вклучува доза луксуз, женственост, сексапил, овој пат претставени преку комбинација на тантела, памук, свила, вез и метални модни додатоци.
Естетиката на 80-тите се' уште е инспирација, која тој ја имплементира преку нагласените раменици, огромните панделки, карнерите и металик сјајот. Од друга страна, од 70-тите ја презема лелеавоста и цветните принтови, а се' тоа спакувано во современ контекст.
Дизајнерот посочува дека ова е колекција е составена од парчиња за сите пригоди, а во продолжение погледнете ги останатите парчиња: