Провокативност, женственост и енергичност на осмиот ден на Париската модна недела

30 септември 2014

collageglavna

Модната недела во Париз ги брои последните денови, а понеделнички започна моќно, шарено, интересно и интензивно, обединувајќи големи модни имиња. Секој со свој посебен уметнички израз го збогати овој ден и ги претстави своите идеи за пролетните трендови пред светската модна сцена и љубителите на модата, кои пак денес ги очекуваат ревиите на Шанел, Валентино, Александар Меквин...

Соња Рикел

collage

Покрај тоа што ги собра некои од најдобрите и најактуелни манекенки во моментов, Соња Рикел прикажа и одлична колекција на париската модна недела. Неверојатно младешка, со свеж дух и модерни детали како реси, многу кожени парчиња и црно – бели пруги, Џули де Либран уште еднаш докажа дека го носи брендот во еден сосема поинаков, динамичен правец. Целата колекција беше навистина уникатна, па дури и местото каде истата се одржуваше. Дизајнерката ја одбра нејзината продавница како место каде ги прикажа трендовите за сезоната пролет – лето 2015. Како што течеше претставувањето на колекцијата, можевме да видиме некои веќе добро познати синоними поврзани со нејзиниот бренд, како пругите и плетениците кои беа во фокус на целата понуда. „Сите сакаме пруги, тие мамат насмевка на лицето“, изјави дизајнерката по завршувањето на шоуто. „Целата колекција е олицетворение на феминизмот, на тоа како треба да се облекуваат убавите девојки – во целосни комбинации што ќе им вдахнат младешки дух“, додаде таа. Палетата на бои се движеше од чиста бела на почетокот, па сѐ до кралска сина и мистично црна на крајот, прикажана преку секси транспарентни фустани.

Стела Мекартни

Плетени фустани, широки панталони, војнички елементи, сето тоа е must-have на шопинг листите, а се содржи во колекцијата на Мекартни. Стела знае дека животот не е лесен, но облекувањето би требало да биде, па тоа го интерпретира во последната колекција. Првиот дел од ревијата е посветен на широките фустани, вториот дел на парчиња со спортска нота и пижама одела, а третиот дел на креации со мешани принтови. На тој начин, Стела го опфати севкупниот нејзин израз, нудејќи елеганција, спортски изглед, удобност и смелост.

Ели Сааб

Конечно се случи и една од најочекуваните ревии на париската модна недела. Големиот Ели Сааб ја претстави новата пролетна колекција и како што очекувавме, истата е фантастична! Низ сите парчиња на совршен начин се провлекуваше неговата инспирација од подводниот морски свет што секогаш е толку интригантен и комплициран како и тој самиот. Палетата на бои беше совршена – корално сина, зелена, прекрасна портокалова и бела, секоја посебно инспирирана од Амалфи во Јужна Италија. На пистата можевме да видиме беспрекорно скроени фустани со длабок V – израз, тантелни тоалети што совршено се протегаа по женското тело, свилени фустани со неверојатни везени моменти, но и комбинезони и куси панталони комбинирани со кошули од висококвалитетна свила. Она што беше особено фасцинантно овојпат, беше неверојатната носливост на сите парчиња, со оглед на тоа што досега некако бевме навикнати дизајнерот да создава посвечени парчиња и деликатни тоалети за на црвениот килим или за прекрасните невести. Дел од колекцијата беа и панталоните во свежи пролетни бои, меѓу кои и оние тантелните што на уникатен начин ја прикажаа сината и длабока вода како една од главните инспирации на дизајнерот за неговата пролетна колекција.

Емануел Унгаро

Оние што ја сакаат женственоста, дозираниот сексапил сигурно ќе ја сакаат оваа колекција на Унгаро. Во првиот дел доминираат долгите тоалети во интензивни бои, совршени за пролетниот период. Вториот дел пак избилува со креации во принтови, па веселите комплетчиња, макси здолништата со тантела, како и кошулите од истиот материјал се нешто за што дизајнерскиот тим на куќата смета дека ќе биде вистински погодок следната сезона. Крајот на колекцијата е повторно резервиран за вечерните тоалети. Иако мора да признаеме дека со боите направи вистински чекор, особено имајќи ги предвид темните бои во поголемиот дел од ревиите, сепак Унгаро не понуди ништо ново и освежувачко во поглед на дизајнот, туку одел на сигурно. Но, без разлика на тоа, сигурни сме дека жените ќе уживаат во неговите парчиња.

Џамбатиста Вали

Појавувањето на госпоѓа Клуни ден после венчавката во фустан од Џамбатиста Вали од последната haute couture колекција беше одлична увертира за она што тој го презентираше вчера. Како што вели самиот, со оваа колекција успеал да ја постигне саканата чистота и јасност во неговата кариера и уметнички израз. Така, couture ревиите се експресија на уметноста на негово ателје, а ready-to-wear колекциите се индустриски занает, како масовна продукција на оние од couture. Оваа сезона Вали се инспирираше од јапонското поствоено метаболистичко движење, кое успева да ги избалансира индустрискиот и уметнички дизајн. Машината и раката. А токму тоа преку силуетите и материјалите, го прикажа и во колекцијата, која што можеби е и една од највпечатливите и од вчерашниот ден, но и од модната недела воопшто. Така, она што освојуваше беа интензивните принтови, класичните кроеви разиграни со дезени и весели бои, но најмногу од се' можеби фустаните од пердуви, во кои и самите би се почувствувале слободни како птица. Вали успеа комплексните структури да ги избалансира со леснотијата на креацијата, на движењето и да создаде нешто совршено за следната пролетна сезона.

Сен Лоран

Хеди Слиман за Сен Лорен овојпат приреди вистинско рокерско шоу, исполнето со младешки и свежи парчиња, на моменти помалку вулгарни и повеќе ретро. Дел од неговата колекција беа рокерските јакни, високите платформи, црните хулахопки, сексапилните куси фустанчиња, панталончињата, кожените парчиња и цветните фустанчиња како највпечатливи на пистата. Неговото ИТ парче за следната сезона дефинитивно беше кусата јакна. Дизајнерот прикажа навистина носливи и шик јакни, претежно кожени, некои од нив со светки како детали, некои кафени од превртена кожа, потоа секси со животински принт, но и уникатни црни мото јакни. За студените пролетни денови, од модната куќа предлагаат и деликатни крзнени додатоци, но и интересни турбани и марами со принт во сите форми. Особено интересни беа принтовите што повеќе или помалку се провлекуваа низ целата колекција во најразлични форми, меѓу кои и цреши, цвеќиња, ѕвезди, колоритни пруги, точки и многу светки.

Објавено:
30 септември 2014
Категорија: 
Колекции