Дизајнерката Ирина Тошева со нејзината десетта јубилејна ревија, го затвори 14 – тото издание на Моден викенд Скопје кое годинава се одржа во хотелот Мериот. 

Како што таа ќе каже инспирација за нејзината колекција овој пат пронашла во жар – птицата како мотив во приказните од словенскиот фолклор. 

„Оваа волшебна птица што сјае и доаѓа од далечна земја е  и благослов и носител на несреќа на оној што ќе ја фател… Нејзината потрага е пресликана во новата колекција. Сите имаме по некоја „своја“ жар-птица. Од нас зависи дали ќе ја заробиме или пуштиме слободно да лета“, изјави дизајнерката за Fashionel. 

Таа додава дека колекцијата претставува мало резиме на различни елементи од нејзината досегашна работа. Уште еднаш со одлична музика, овој пат на Bei the Fish, таа прикажа колекција која потсетува на нејзината естетика.

„Повторно се навраќам на боите, а природните материјали, удобноста и практичноста остануваат клучни нешта во мојот дизајн“, вели Тошева, додавајќи дека младите, љубителите на боите и приказните се нејзината таргет група.

Во нејзин стил таа прикажа  колоритни парчиња кои потсетуваа на едно весело, далечно време.

Позната по ретро стилот, таа ревијата ја отвори со интересен краток фустан со долги ракави, украсен со принт од цветови и птици, комбиниран со високите хит чизми за сезонава кои можевме да ги видиме кај уште неколку ревии.

Ревијата продолжи во сличен стил прикажувајќи кошули со еден ракав во комбинација со широки класични панталони со висок струк.

Интересни беа и кусите здолништа во А – крој во бои како портокалова и сина, но подеднакво внимание предизвикаа и зелениот и виолетовиот фустан како едни од највеселите парчиња во колекцијата.

Дизајнерката во оваа колекција креираше и комбинезони како и куси фустанчиња со принт кои таа ги комбинираше со едноставна сина кошула за уште повпечатлив изглед.

Она што предизвика внимание дефинитивно беше и шминката и фризурата на моделите кои на пистата се појавија со розова сенка околу очите и слатки розови и сини пеперутки во косите што се чинеше како интересен тренд за оние похрабрите.

Со ревијата на Ирина Тошева се заврши 14 – тото издание на Модниот викенд кое овој пат траеше вкупно три дена и беа прикажани 12 модни ревии.

Објавено:
2 ноември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
529 пати