Правецот во кој Марија Грација Кјури го води Диор, се повеќе нѐ воодушевува.
На препознатливата женственост на Диор таа успева да ѝ даде супериорна моќ. Таквиот концепт го продолжува и во новата „pre-fall" колекција во која Кјури ја истражува женственоста од различни аспекти и ја претставува во различни форми.
Инспирацијата ја навраќа назад во училишните денови, кога Кјури експериментирала со својата училишна униформа за да ѝ даде персонален печат. Токму затоа во оваа колекција ќе препознаете варијации на училишните униформи со карактеристични елементи како вратоврски, високи чорапи, миди здолништа и бермуди, бели кошули, плетени џемпери и кардигани...
Но, сепак акцентот е на женската префинетост, па колекцијата ни носи и голем шарм, елеганција, на моменти и романтика.
Кјури се послужила и со инспирација од жените во животот на Кристијан Диор, пред сѐ имајќи ја пред очи неговата сестра Кетрин, со целата нејзина карактерност, бунтовност и темперамент.
Помеѓу елеганцијата и бунтовничкиот дух, резултатот е моќна женска колекција која секако ќе остави своја трага.