Врeмеплов на Валентино во бело

11 декември 2014

Њујорк вчера беше во центарот на модното внимание, а сè поради најновата haute couture ревија на Валентино. Дизајнерскиот тим што стои зад овој бренд и овој пат ги исполни очекувањата.

По повод отворањето на новиот бутик на Петтата авенија, Валентино ги почести и сите љубители на модата со една посебна, зимска колекција. Посебна затоа што ова беше едно своевидно враќање на познатата „бела“ колекција на Валентино Гаравани од 1968 година, од која Џеки Кенеди го одбра венчалниот фустан за свадбата со Аристотел Оназис. Џеки беше Њујорк-жена и вистински Валентино-клиент.

-Ова беше голема шанса за нас, бидејќи се работи за големата Бела колекција, што во исто време значеше дека нема да биде лесно да се достигне истото ниво – изјави дизајнерката Марија Грација Чаури.

На ревијата секако присуствуваше и Валентино:

-Бело – ако направиш нешто лошо, односно ако не е совршено направено, тогаш е вистинска катастрофа – изјави Валентино во бекстејџ за WWD.

Чаури и Пјер Паоло, мораа да го импресионираат Валентино со нивната вештина, едноставност, лелеавост...

А токму тоа и го понудија на пистата. Чисто бела, крем и ледено бела беа боите кои се комбинираа. Покрај лелеавите фустани од транспарентна тантела, тул, во ретро силуети, на пистата доминираа и палта и мантили со остри работи од крокодилска кожа и кожа од пони.

Дел од публиката беше особено воодушевена од кошулите со вертикални панделки и карнери во пределот на вратот. Фустаните од органза беа комбинирани со микро цветови изработени од кожа.

Финалните креации беа изработени од тул во боја на слонова коска, збогатени со парчиња од кашмир.

Според реакциите, ревијата на Валентино ги воодушеви присутните, што знчачи дека дизајнерскиот тим што стои зад овој бренд одлично ја завршило својата работа. Меѓу гостите беа и интернационалните клиенти, како и колеги на Валентино, меѓу кои Бен Стилер, Кети Холмс, Келвин Клајн,Прабал Гурун и Дерек Лам

Во продолжение погледнете ја зимската, ледена бајка на Валентино.

Објавено:
11 декември 2014
Категорија: 
Колекции