Интересни факти за историјата на црвениот кармин

3 јули 2014

За моќта и трансформациите на црвениот кармин сме пишувале во неколку наврати низ нашите содржини. Црвените усни од секогаш биле и засекогаш ќе останат во мода, затоа сите дополнителни информации за шминката која ни дава сензуалност се секогаш интересни. Страста, виното, сексапилноста, елеганцијата, моќта, храброста се само еден мал дел синоними за црвената боја, која верувале или не, била предмет на инспирација за жените уште од најстарите времиња. За денес малку истражувавме и решивме низ временски рамки да ви  раскажеме неколку интересни факти кои историјата ги забележала,  а се однесуваат на приказната за тоа како црвениот кармин загосподари во светот на дамите.

Уште во 3000 година пред нашата ера е констатирано дека месопотамските жени се сметаат за првите  кои го измислиле црвениот кармин. Тие си ги украсувале своите усни со скапоцени камења. Старите Римјани, особено оние кои припаѓале на повисоката класа, исто така ги црвеле усните со домашна боја. А Египќаните пак, вклучувајќи ја тука и убавата Клеопатра, усните ги црвеле со тоа што толчеле црвени мравки, ги мешале со восок од пчели и така подготвената мешавина ја нанесувале на усните за да ги обојат во црвено.

Во средниот век популарноста црвениот кармин ја уживаше само во круговите на пониската класа и меѓу проститутките, се додека Кралицата Елизабета I, не го оживеа класичниот изглед носејќи го во комбинација со бледа шминка и силно нагласени очи.

Во 1770 година црвените усни се соочија со контроверзии кога британскиот парламент го донесе законот дека жените со црвени усни се вештерки кои имаат за цел да ги намамат мажите во брак. Во тоа време шминката  е прогласена за форма на измама.

На големото платно во доцните 1800-ти, компанијата Сирс Ребак нуди црвенило за усни и лице обоени во кармин боја добиена од инсектите кошенил ( вкусот сигурно бил специфичен). Актерките особено го сакале црвениот кармин затоа што морале да ги затемнат нивните усни со цел тие да се истакнат во црно-белите филмови.

Раната 1900-та е клучна година за црвениот кармин, бидејќи Морис Леви го измислил првото метално пакување за кармин. Претходно, карминот бил  завиткан со свилена хартија, заштита која  отежнувала жените да го понесат со себе. Подоцна во текот на годините големите компании за козметика како Шанел, Елизабет Арден, Есте Лаудер и Герлајн почнаа да продаваат кармини во специјални и луксузно дизајнирани пакувања.

Подоцна во 1940 година црвениот кармин доживеа вистинска експанзија. Елизабет Тејлор беше позната по црвениот кармин и по незаборавната реченица:

„Мажи, ставете си пијалок, жени, ставете си кармин и повлечете се еден кон друг“.

Мејбејлин, Ревлон и Ковергрл се компании кои од тогаш создадоа лојални клиенти што го користат нивниот продукт.

Десет години подоцна во 1950-тите, црвениот кармин стана заштитен знак на Холивуд. Дел од најголемите холивудски диви во тој период го прифатија трендот на црвените усни и го промовираа речиси на сите свечености. Мерилин Монро, Рита Хејворт и Ава Гарднер го напишаа новото историско поглавје за  моќта на црвениот кармин. Според тогашните статистики во Америка дури 98 проценти од женската популација ги црвела своите усни со црвен кармин.

Во периодот на 60-тите и 70-тите години класичната црвена боја на карминот почна да доживува трансформации, во поглед на нијансите. Градацијата на црвената боја се движеше од пастелно црвени за роматичарките, па се до темно црвени, дури и виолетови тонови за панк девојките.

После експериментирањето со нови црвени тонови во 80-тите и 90-тите благодарение на револуционерната кампања која ја промовираше компанијата за козметика M.A.C. за враќање на класичниот црвен кармин на сцената, земајќи ја Мадона за заштитно лице на истата направи револуционерен камбек на оригиналниот црвен кармин.

Денес, жените од сите возрасти и професии гордо го носат црвениот кармин и освојуваат со својот изглед. Од Гвен Стефани, Тејлор Свифт, Ема Стоун и многу други, се докажува моќниот ефект и оригиналноста на црвените усни. Во големата армија обожавателки на црвениот кармин, сигурно сте и вие.

 

Објавено:
3 јули 2014
Категорија: 
Стории