Историја на часовниците: тие го одбројуваат времето, а еве што вели времето за нив

23 јули 2013

Лансиран во периодот на доцниот деветнаесетти век од страна на Филип Патек, како моден додаток исклучиво за жени. Рачниот часовник, денес претставува основен предмет кој ни помага полесно да си го организираме секојдневието и ни ја олеснува трката со времето. Сè до дваесеттиот век мажите користеле џебни часовници.

 

 

Клучниот премин од џебен во рачен часовник се случил благодарение на пилотот Алберто Сантос-Думонт кој имал потешкотии во читањето на времето, додека управувал со авионот. Имено, самиот пилот му нарачувал на Луј Картиер да му направи модел на часовник кој ќе биде попрактичен. Така е роден првиот рачен часовник. Картиер, во меѓувреме станал мошне популарен во Париз. Тој почнал да ги продава своите рачни часовници и на машки клиенти.

 

 

Со почетокот на Првата светска војна припадниците на воените армии сфатиле дека попрактично е да гледаат во зглобот за да се ориентираат колку е часот, отколку во џебот. Па, така владите на земјите учеснички донеле одлука, секој војник да биде опремен со голем часовник на својот зглоб кој исто така ќе биде и флуоресцентен, за да свети во мракот.

 

 

Почнувајќи од 1960-тите години холивудските актери почнуваат да го прифаќаат овој условно да кажеме тренд и носат рачни часовници во своите филмови. Ова ќе биде пресвртниот момент што на овој моден додаток ќе му обезбеди неприкосновен успех и слава.

 

 

Шон Конери во филмскиот серијал за тајниот агент Џејмс Бонд 007, носи модел на рачен часовник од линијата на Ролекс кој е еден од најбараните модни додатоци од страна на многу колекционери денес. Предмет на обожување стана и моделот Ролекс 5513, кој го носи Роџер Мур во истоимениот филмски серијал, а, е продаден на аукција за вртоглави 26.500 фунти. Барани се и моделите кои ги носеле Стив Меквин во филмот „The bounty hunter“, Ролекс Explorer 1655, и моделот на Пол Њуман во филмот „Indianapolis“, Ролекс Дејтона.

 

 

Политичките претставници делумно помогнаа во ширењето на лудилото, за етаблирање и афирмација на рачниот часовник како луксузен моден додаток во градењето на секојдневниот стил. Претседателот на Америка Џон Кенеди користел Nastix од 14 каратно злато украсен со 57 рубини и ремчиња од кафена алигаторска кожа, подарок од Евангелина и Дејвид Брус во 1963 година. Овој уникатен модел, потоа премина во рацете на вториот сопруг на Џеки Кенеди, Аристотел Оназис, кој му го подари лично таа.

 

 

На 20 јули, 1969 година, рачниот часовник, почнале да го носат и астронаутите, кои заминувале на експедиција на Месечината. Во почетокот на осумдесеттите години швајцарскиот претприемач Никола Хајек, успева да спои две компании за изработка на часовници во една, со цел да дизајнира нови типови на часовници кој ќе бидат атрактивни и ќе чинат помалку. Цената всушност се движела помеѓу 39 и 40 швајцарски франци.

 

 

Така на 31 март, 1983 година, на пазарот беше претставен новиот модел на часовник, со име Swatch. Името, всушност е синтеза од „swiss“ и „watch“, што во буквален превод би значело „швајцарски часовник“. Експериментот бил изведен со ограничување на компонентите за  производство на часовниците,а тоа довело до намалување на трошоците. Поради фактот дека дизајнот бил смислен од страна на бројни уметници, компанијата можела да си дозволи производство на една колекција годишно, трансформирајќи го притоа рачниот часовник од предмет на луксуз, кој е издржлив и безвременски, во предмет кој мутира и често се менува.

 

 

Часовниците „Swatch“ прераснале во ценети колекционерски предмети, особено оние кој го носат потписот на познати уметници како што е случајот со моделот дизајниран од страна на Кит Харинг. Од 1998 година, оваа компанија станува најголем произведувач на часовници во целиот свет, а она што фасцинира е фактот дека тој рекорд го држи и ден денес. Во рамките на оваа компанија егзистираат и многу историски брендови за производство на швајцарски часовници како Omega, Longines, Rado и Brequet што дополнително го збогатува нејзиното и онака богато резиме.

 

 

 

Објавено:
23 јули 2013
Категорија: 
Стории