Култниот бренд за рачни часовници, препознатлив по луксузниот дизајн, Ролекс, зад себе има богата историја во градењето на препознатливото име. Во суштина, основачот Ханс Вилсдорф одбрал име за својата етикета, кое ќе биде препознатливо и ќе може да се изговара лесно на сите јазици.

Со седиште во Женева, оваа компанија производството на часовници го започна во 1919 година, а во 1926 година го дизајнираше и првиот модел на водоотпорен часовник  Oyster, кој е изработен од трајна црна кожа за ремчињата на раката, а оквирот е со остар изглед, креиран од сребро.  Во 1945, оваа компанија го создаде Datejust, кој е првиот автоматски хронографски водоотпорен часовник во светот, кој ги прикажува и датумите во прозорче сместено во самиот оквир на часовникот.

 

 

Datejust денес се смета за еден од најпопуларните модели на Ролекс,не само поради револуционерната изработка, туку и поради фактот дека го носеле главните ѕвезди во филмовите: „Психо“ и „Изгубени во преводот“, но и многу пејачи, политичари, модели, спортисти и актери. Рачниот часовник Datejust колку е комерцијален толку е и индивидуален модел со лични преференци на оние кои го носеле, бидејќи можеле да го порачуваат во бои кои им соодветствуваат. По оваа едиција, Ролекс во 1954 година го создаде и првиот рачен часовник кој може да покаже две временски зони одеднаш, а две години подоцна часовникот добива нови преференции со автоматското  покажување на датумот и времето.

 

 

1950-тите беа клучно време за Ролекс, кој продолжи да создава часовници, кои ќе ги задоволуваат потребите и желбите на секого, од планинари до нуклеарни физичари. Во 1953 година Ролекс го создаде Submariner, првиот водоотпорен рачен часовник чиј механизам може да издржи длабочина до 100 метри, едиција инспирирана за потребите на нуркачите. Потоа во 1956 година беа дизајнирани Milgauss, рачни часовници кои беа наменети за научната заедница. Овој модел беше ригорозно тестиран од страна на Европската организација за нуклеарни истражувања, чии анализи докажале дека овој часовник е отпорен на магнетен проток на густина кој достигнува до 1000 гаус.

 

 

Четири години подоцна, во 1960 година е изработен експериментален модел на часовник, наречен Deep Sea Special, кој бил изработен за да се тестира неговата издржливост за нуркање до длабочина од 11.521 метри, благодарение на историскиот американски механизам. По оваа пробна вежба, се утврдило дека часовникот е целосно и комплетно функционален и дека е вистински револуционерен модел.  Но, Ролекс не застана овде со своите инвенции, продолжи да ги „руши“ границите и бариерите во поглед на создавање уникатни модели кои со текот на годините и развојот на технологијата само ги надградуваше, со цел моделите да најдат што поголема и пофункционална примена во различни области на работење и творење. Во 1963 година беше лансирана новата генерација часовници Daytona, кои важат за најпознатите иконски парчиња на оваа компанија. Ролекс направи и уште инвенција во поглед на тоа дека за изработка на часовниците се користат само одредени материјали, теза која, кога станува збор за Ролекс изработката на модели и дизајни не важи.

 

 

 

Во 1985 година, Ролекс, стана првиот производител на часовници кои користат 904L, посебен тип на челик кои се користи во хемиската и воздушната индустрија. Заедно со традиционалните материјали, како што се злато, сребро, дијаманти, скапоцени камења и кожа, Ролекс комбинира и додава технички материјали, што оваа компанија ја става на прво место во изработка на рачни часовници. Логото е во форма на круна, а слоганот кој се придружува кон него гласи „Круна за секој успех“, укажувајќи на она што во преден план го дефинира брендот:  склоп луксузот и напредната технологија.

 

 

 

Објавено:
30 декември 2013
Категорија: 
Модни додатоци