Карин Ројтфилд:Сакам да ви покажам дека светот на модата може да биде и убав, иако е малку луд

10 септември 2013

Карин Ројтфилд, супер стилист и поранешна модна уредничка на француски Vogue, a сега генерален директор на списанието Harper's Bazaar, помина децении во „редизајнирање“ на начинот на кој се носи облеката. Во своето неодамнешно интервју Карин ја отвори својата душа и прозборе за она што е во фокусот овие денови, а тоа е нејзиниот документарен филм, новата улога на баба, модната политика и зошто се одлучи да открие дел од нејзините модни тајни.

„Јас и Ана Винтур сме многу различни, таа е политички моден дипломат, но јас ја почитувам“, вели Ројтфилд.

 

Карин Ројфилд Карин Ројфилд

 

Карин, поранешната модна уредничка на француски Vogue, основач на своето списание со нејзини иницијали „CR“, од неодамна е назначена за генерален директор на Harper's Bazaar, таа е идеалната жена на модната куќа Том Форд и во 58-та година од животот централна тема во документарниот филм „Мадмоазел К“ во режија на Фабиен Констант.

Се работи за филм кој е сниман повеќе од 9 месеци, уште пред објавата на списанието со иницијали на оваа модна икона„CR“, каде во центарот на вниманието е портретот на една жена која воспоставува апсолутна контрола над се. Карин покрај се е и една од најпознатите стилистки во светот на модата, позната по шик начинот на живот во рамки на кој се треба да оди како подмачкано. Постои и веб сајт  „IwanttobeaRoitfeld.com“ каде можете да најдете фотографии од нејзиниот живот, дом, работа, опкружување и секојдневие. Таа е стилист, чиј заштитен знак е порно-шик естетиката. Доказ за ова е контроверзната кампања на Гучи каде логото беше избричено во вид на срамни влакна на моделот. Режисерот Констант ја следи и во подготовката за нејзината улога на баба и интимните семејни разговори во поглед на проширување на семејството.

Наместо строга и студена жена, критичарите наидоа на една пред се, жена со чувства исто толку кревка колку и секој човек и исто толку силна и цврста како и секоја мајка чија цел е повторното раѓање.

 

Карин Ројфилд на снимањето на филмот Мадмоазел К Карин Ројфилд на снимањето на филмот Мадмоазел К

 

„Сакам да ги изненадувам луѓето. И сакам да преземам ризици. Се водам од мотото на големиот Стив Џобс: Мисли поинаку!“, емотивно изјавува Карин.

За филмот вели дека се согласила да го снима додека пиеле зелен чај заедно со режисерот Констант.

„Сеуште не бев пијана, но се согласив да го снимам филмот“, низ смеа вели модната икона. Како дел од кастингот на луѓе кои земаат учество во филмот се: Том Форд, Донатела Версаче, Карл Лагерфелд, луѓе кои имаат свој моден идентитет на сцената повеќе од 20 години. Во филмот тие ја искажуваат својата почит кон Ројтфилд, кон нејзиното дело, нејзините заложби и кон неа како долгогодишна нивна пријателка.

„Тие не играат игри, тие се чесни. Па кога ќе слушнам со колкава почит ми се обраќаат мене и го почитуваат моето дело, ми доаѓаат солзи во очите“, вели сега актуелната директорка на Harper's Bazaar.

Дури и фамозниот фотограф Марио Тестино не остана рамнодушен и ја закити поранешната уредничка со дузина комплименти:

„Карин е мојот есенцијален соработник. Јас, таа и Том Форд сме трио кое совршено работи и се надополнува.

 

Карин Ројтфилд со семејството Карин Ројтфилд со семејството

 

За потребите на филмот и што подобро претставување и доловување на името и делото на Ројтфилд, нејзините долгогодишни соработници не ги штедеа ниту зборовите, ниту пофалбите. Меѓу анкетираните беа Кристијан Рестоан кој е нејзин соработник веќе триесет години и сопственик на компанијата Еквипмент, нејзината ќерка Јулија и нејзиниот син Владимир, а еве што кажаа:

„Таа е како сон. Модата е сонот, а таа се труди да го оживее на најдобар можен начин, за да трае. Понекогаш знае да се скрши, да потклекне, но затоа сме ние тука, за да и ја подадеме нашата рака и верба и таа повторно го составува скршениот сон и тој живее, а се додека тоа е така ќе постои модата, а ќе постои и таа“.

Карин вели дека исто така има проблем кога треба да ја напише својата професија.

„Не можам да се одлучам, јас сум пред се стилист, но бев и уредник , имам свое списание, и сум и генерален директор, понекогаш сум и фотограф, а на крајот сум и мајка, колку збунувачки“, вели таа.

 

Карин Ројтфилд со нејзините соработници Карин Ројтфилд со нејзините соработници

 

Зборува и за нејзината флексибилност во поглед на работата.

„Многу е тешко да создадеш модно семејство. Јас се трудам, давајќи им шанса на помладите, нека ме искористат мене и моето искуство во рамки со нивната младост и идеи и секогаш настојувам да се водам од професионалноста. Ние можеме да бидеме блиски пријатели и да се дружиме, ама работа си е работа. Јас се хранам со пронаоѓање на нови лица кои се исто толку позитивни и со желба за работа. Можеби, си велам, во овие години тоа е мојата мисија“, заклучува Карин.

Сепак додава и дека модата е меч со две острици, дека таа не дозволува површност, неодговорност и неподготвеност. Според неа се тргнува од коренот на нештата од почетокот, од основата на класиката, па се оди нагоре. И додава дека нема граници помеѓу она што е таа приватно и професионално, нејзината пасија е модата, а таа е насекаде околу неа.

Моментално е опседната со раѓањето на нејзината внука, на која и го посветува целиот филм.

„Можеби внука ми сега нема да ја сфати поентата и огромното „богатство“ кое го наследува, но знам дека еден кога ќе порасне ќе ми биде благодарна и неизмерно среќна“, кажа стилистката.

Нешто што навистина многу ја разбранува јавноста е следната изјава:

„Филмот е мој личен профил и сакам на мене да гледате како личност на која единствена цел во животот и било да ја одржи жива модата, а на Ана Винтур и го препишувам политичкиот момент. Таа е најголемиот политичар во модата, затоа јас и таа сме толку различни и сакам тоа да го потенцирам, а сите што ќе го гледаат филмот да го воочат тој факт“.

За себе вели дека не се доживува како славна личност и покрај фактот што цел живот работи во нивно опкружување. И тоа за неа е тешка работа, бидејќи вели дека достигнувањето и славата на еден бренд не се мери по тоа дали славните личности ќе носат негов фустан на црвениот килим и дали тој модел ќе биде оној кој ќе ја одбележи вечерта, бидејќи според Ројтфилд модата не треба да биде сфатена како нешто кое треба да ги облекува славните, модата е многу повеќе од тоа.

Преку овој филм таа сака да порача:

„Се надевам дека филмот нема да биде премногу јас, јас и само јас. Туку ќе ја покаже модата како еден убав свет, иако е малку луд и дека сите можеме да бидете гласноговорници на модата само ако сакаме. Сепак јас сеуште носам дузина трикови со себе и сега е време да ги покажам, завршува оваа модна дива.

Објавено:
10 септември 2013
Категорија: 
Стории