Модните императиви на Маргарет Тачер

30 ноември 2015

Аукциската куќа „Кристи“ следниот месец на продажба ќе стави 350 лични предмети на Маргарет Тачер, што вклучуваат облека, писма, книги, мебел и накит.

Тоа беше повод дел од нејзините соработници да се осврнат на нејзините навики и периодот кога работеле заедно. За начинот на кој се облекувала и средувала проговори Чарлс Пауел, личниот секретар на „Челичната лејди“.

Тој откри како на погребот на советскиот лидер Јуриј Андропов во февруари 1984 година, премиерката морала поради големиот студ да позајми крзнен капут и чизми.

-Нејзиниот телохранител стоеше зад неа, со полни џебови. Руските безбедносни сили мислеа дека тој крие некое импресивно оружје. Но, всушност во џебовите беа нејзините чевли. Кога се вратија, таа ги соблече чизмите, а тој од џебовите ги извади и ѝ ги додаде чевлите со потпетици – открива Пауел.

Маргарет Тачер секогаш носела здолништа и високи потпетици, а тоа го потврдила и Синтија Крофорд, нејзината асистенка.

-Мразеше панталони. Мислам дека купивме два или три костуми со панталони, кои таа никогаш не сакаше да ги облече. Единствениот пат кога се согласи да носи панталони, беше кога се симна во рудник – истакнува Крофорд, која со Тачер работела повеќе од 35 години.

Во нејзините задолженија било да води и дневник за облека, за британската премиерка никогаш да не се појави во исто издание два дена по ред.

Синтија открива и дека Тачер, ќерка на кројачка и пиљар, имала обичај да ги рециклира копчињата. Тоа значи дека ги расшивала од едно парче и ги зашивала на друго.

-Не ги фрлавме копчињата, особено што добар дел од нив беа многу скапи – вели Крофорд.

Чантите на „Челичната лејди“ морале да бидат доволно големи за во нив да стави пудра, кармин, чешел, мал нотес со пенкало, но и документи во А4 формат.

-Секогаш се трудев да ја облечам во боите на земјата која ја посетува. На пример, кога отиде во Израел, носеше светлосин костим, со беж дел, во боја на израелското знаем. Кога бевме во Полска, таа беше облечена во земелно, затоа што во оваа земја тоа е боја на надежта – потенцира Крофорд.

За потсетување, Марагрет Тачер беше првата жена претседател на Конзервативната партија, а потоа и првата жена претседател на владата на Обединетото Кралство. На таа функција беше од 4-ти мај 1979 година до 18-ми ноември 1990 година, што воедно е и најдолгиот мандат на еден претседател на владата на оваа држава од 1827 година.

Објавено:
30 ноември 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.087 пати