Модно лого - личен печат на брендот

3 јули 2013

Бренд-логото е личен печат на секое дизајнерско име. Препознатлив знак  кој има влијание врз комплетната слика за  имиџот на модната куќа.

Типот на логото честопати е интимно поврзано со некоја лична приказна на дизајнерот или брендот или пак самото графичко решение го наговестува стилот на изразување.

 

Коко Шанел

Две спротивно поставени С букви го претставуваат логото на еден од највлијателните модни брендови, Коко Шанел. Логично изборот е направен од двете почетни букви на уметничкото име на дизајнерката (Coco Chanel). Официјално ова лого станува заштитен знак на брендот со отворањето на првата продавница на Шанел.

Вера Ванг

Минималистички спој на буквите од името на дизајнерката.  И покрај тоа што особено во нејзините колекции за венчаници препознаваме романтична нота, нејзиното лого е сведено на модернистички минимум.

Лакост

Можеби едно од најпрепознатливите модни логоа е она со малиот зелен крокодил на Лакост. Брендот долго време имаше судска парница со конкурентот Crocodile garments кој во логото за својот бренд исто така има искористено крокодил. Епилогот сепак беше во корист на комерцијалните цели на двата бренда кои се договорија: Corocodile garments во својата лична карта да го користи крокодилот свртен лево, додека Лакост го има позиционирано во спротивна насока.

Кристијан Диор

Логото на луксузниот француски бренд е едноставна и чиста комбинација од името на дизајнерот и комерцијален фонт.

Версаче

Во логото на Версаче позајмен е лик од грчката митологија. Се работи за познатата Медуза, жена трансформирана во чудовиште, која наместо коса има змии на главата. Изборот на ваквото лого се поврзува со фасцинираноста на Џани Версаче од класичната уметност и архитектура и мајсторската репрезентација на Медуза.

 

Објавено:
3 јули 2013
Категорија: 
Стории