Најпознатите модни музеи

18 јули 2013

Сведоштвата за модната историја најреално може да се доживеат во модните музеи.  Нивниот фантастичен микрокосмос раскажува приказни кои никогаш реално нема да ги почувствуваме преку содржините на новите медиуми. Тука модата е единствената нишка која поврзува различни столетија од нејзиното постоење.

 

1.Музеј Викторија и Алберт - Лондон

Можеби водечкиот музеј во светот за арт и дизајн, е Викторија и Алберт во британската престолнина, со ексклузивни модни парчиња од периодот помеѓу 17-от и 21-от век. Музејот има импресивна колекција од 14.000 уникатни предмети. Во 2004 година овој музеј ја постави најголемата ретроспективна изложба на британската дизајнерка Вивиен Вествуд која пред светската јавност презентираше 178 нејзини уникатни дизајни.

 

2. Институт за костими Кјото, Јапонија

Иако е лоциран во Јапонија, овој институт преку своите поставки го потенцира значењето на западната модна сцена и нејзиното глобално влијание. Вооружен со околу 11.000 парчиња облека и 13.000 вредни документи, институтот во Кјото претставува основен извор на информации во обработката на истражувачката дејност во модната област.

 

3.Метрополитен музеј, Менхетен

Музејот Метрополитен сместен во еден од најголемите светски бизнис центри, има голем авторитет во модниот свет поткрепен со богата архива која вклучува 80.000 оригинални парчиња облека. Со масовната продажба на влезници за ретроспективната изложба на легендарниот Александар Меквин, овој музеј треба да ослободи простор и за своето име во архивата зашто дефинитивно се запиша во историјата.

 

4. Музеј за мода и текстил, Лондон

Основан од британската дизајнерка Зандра Роудс, Музејот за мода и текстил во Лондон архивира современа облека, текстилни материјали и богато дизајниран накит. Парчиња од Кристијан Диор и Вивиен Вествуд се дел од импозантната колекција на музејот каде најстариот експонат датира од 1947 година.

 

5.Музејот на Гучи во Фиренца, Италија

Ултрамодерниот музеј на иконскиот италијанси бренд Гучи во престолнината на ренесансната уметност, Фиренца во една посебна димензија ја презентира досегашната работа на брендот во неговата 90 годишна историја. Меѓутоа, ова е место каде покрај експонати од Гучи, се претставуваат и современи модни инсталации и од актуелни уметници.

Објавено:
18 јули 2013
Категорија: 
Стории