Потресната приказна за сестрата на Наталија Водјанова

13 август 2015

Супер моделот Наталија Водјанова овие денови предизвика вистинска бура на социјаните мрежи, откако на нејзиниот Фејсбук профил објави потресна сторија за нејзината сестра која боледува од аутизам.

Неодамна, нејзината сестра Оксана била избркана од едно кафуле во нејзиниот роден Нижни Новгород во Русија, со објаснување дека ги плаши гостите поради нејзиниот изглед.

„Зошто не си одите? Ги плашите моите клиенти во кафулето. Најдобро е да одите да побарате медицинска помош за вас и вашето дете и потоа да излегувате во јавност“, ѝ рекол сопственикот на кафулето на жената што ја чувала 27 – годишната Оксана.

Потресната случка што манекенката ја објави на нејзиниот Фејсбук профил предизвика бура од реакции ширум светот, но и бројни текстови во локални и светски медиуми.

На ова се надоврзаа и бројни експерти кои посочија дека децата со аутизам во Русија сѐ уште наидуваат на бројни проблеми и непријатни случки каде и да се појават.

Мајката на Наталија и Оксана во разговор со полицијата

Извештајот на Human Rights Watch за минатата година вели дека близу 30 проценти од руските деца со вакви пречки во развојот, биле дадени од нивните родители во специјални центри за грижа каде многу често се соочувале со насилство.

„Кога во Русија ќе се роди дете со пречки во развојот, родителите се соочуваат со страшен притисок од докторите и општеството да се откажат од нивните деца. Тие завршуваат во разни сиропиталишта и домови каде често се соочуваат со негрижа и насилство“, вели Андреа Мазарино, дел од тимот на Human Rights Watch.

Минатата година, во интервју за магазинот Гламур, прекрасната Наталија изјави дека нејзината мајка од самиот старт се откажала од помислата дека треба некому да го даде нејзиното дете и да се откаже од Оксана.

„Мојот очув и велеше дека е луда ако ја задржи Оксана, дека нема да можеме да се справиме со нејзината болест и дека нема да добиеме помош и поддршка од никој. Но, таа не се откажа...И јас денеска ја обожавам и ѝ се восхитувам што не го стори тоа“, изјави Наталија во интервјуто.

Таа важи за една од манекенките со најтешка животна приказна. Нејзиниот терапевт ќе рече дека Наталија раскажувала некои од најневеројатните приказни што може да се слушнат. На 11 години таа почнала да работи заедно со нејзината мајка на локалниот пазар, паралелно грижејќи се за нејзината сестра Оксана.

Наталија денеска има четири деца, три од поранешниот сопруг Џастин Портман и едно од новиот партнер Антон Арно

Денеска, Наталија е една од најбогатите модели во светот со богатство проценето на повеќе од 26 милиони долари. Таа е и горда сопственичка на фондација која им помага на децата со пречки во развојот во нејзината родна Русија. 

Објавено:
13 август 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
5.256 пати