ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

Симона Јовчевска прави чадори поради кои ќе го засакате дождот

23 декември 2019

Зимата и календарски ни пристигна, но наместо снег, деновиве изобилува дожд. И тоа одлично се совпадна со креативната работа на нашата нова соговорничка. Симона Јовчевска зрачи со позитивност, а тоа го пренесува и во креативната работа. Вели, од дома не излегува без насмевка, што во целост ѝ веруваме.

Иако професионално вработена во „Националната опера и балет“, наоѓа време и за друг тип уметност. На нејзиниот инстаграм профил во почетокот се појавуваа интересно украсени чанти, но она што ни го привлече вниманието неодамна беа фантастичните весели чадори, на кои нема да останете рамнодушни, па макар и не го сакале дождот, ќе направат да го засакате.

Разговрот го почнавме со поривот да изработува нешто со рацете.

-Ова прашање ми разбуди многу спомени :).. Ме однесе во едно рано детство кога правев белегзии, ги продавав на улица, пред самата куќа каде што живеев. Тогаш  за прв пат ја почувствував таа радост да го продадам мојот труд на некои 6 - 7 години.. Со текот на годините, целата таа креативност ја изразував правејќи  подароци за моите најблиски другарки, зошто едноставно имав потреба да го дадам тоа од себе.. И така, се до времето кога социјалните мрежи отворија еден сосема нов начин на инстант промовирање, објавувајќи ги моите лични изработки, побудија голем интерес и многу позитивни коментари, кои ја поттикнаа таа креативност да премине во некој вид на работа, која веќе 7 години е мое активно креативно хоби :)..

Како дојде на идеја креативноста да ја имплементираш на чадори?

 -И тоа е еден многу спонтан момент… Беше врнежливо попладне, а моравме да  одиме низ град со моите деца Сара и Јован, и само што излеговме од дома, започна да врне. Моравме да се снајдеме со чадори, и така влегувајќи во еден маркет видов многу едноставен избор на чадори. Во тој момент само ми проструи низ главата.. " Зошто некој не се досети, едноставно да направи уникатни чадори".. Веќе во следниот момент, во некоја микро секунда, сфатив дека тој некој може да бидам јас. Така започна целата приказна, од тие чадори, кои следниот ден завршија во мои раце, создавајќи од нив нешто уникатно и објавувајќи ги на социјалните мрежи.

Каква е постапката на изработка?

-Постапката е многу едноставна - специјални бои, добри четки и малку вода, технички кажано :).. Но, она што можам да го кажам лично за себе, е дека не можам да го изработувам во било кој момент.. Може малку чудно, но едноставно има моменти каде што ја чувствувам таа енергија, дека е време да се започне со целиот процес.... Мене ми е најважно во целост да сум посветена на она што го правам , и ниту во еден момент  да не премине во рутина или порив само да се материјализира, сакам во секоја една рачна изработка да го дадам целото мое внимание, дел од себе и најважно од сè ЉУБОВ...

 

Кој е твојот омилен дел од Скопје, за кој те врзуваат најмногу спомени и приказни?

-Како студенти во Скопје, ние бевме деца на улиците.. Пешачевме, со тоа што заштедувавме пари за превоз, а воедно изградивме еден куп спомени од разговори и случки низ самите нив.  Така што и ден-денес омилен дел ми се булеварите, создадени за пешачење и размислување. А како приказна :)... Имаше една клупа на самиот плоштад, која за жал денес веќе не постои. .. Но, на таа клупа никогаш нема да ги заборавам најдолгите разговори, враќајки се од  Факултетот за музичка уметност, и дебатирајќи за книгите кои ги читавме до 5 часот наутро... :). Од секогаш го сакав тој дух и слобода во Скопје..

Низ кој дел на Скопје прошетале чадорите што ги изработуваш? 

-Тука морам да споделам една интересна информација.. Заради чувството дека моите креации се и како мои деца, многу често откако ќе им ја доставам  нарачката, на моите клиенти им пишувам да ги прашам како се моите чадорчиња.. И тука добивам интересни одговори од нив. Повеќето од нив не ни сакаат да ги употребуваат, ги изложуваат во домот, ги чуваат како едно уметничко дело за себе , а исто мошне интересен е одговорот на една девојка која го има и еден од покомплексинте чадори за изработка, портретот на " Црниот лебед", во една прилика ми изјави дека чадорот ќе го направи како абажур на сијалицата во собата..  :)

Каков е твојот личен стил?

-Многу ми е тешко да се дефинирам, бидејќи сум си навикната на себеси и лично се доживувам како сосема нормална и едноставна  :)..  Иако во тинејџерските денови бев голем ексцентрик, носејќи различна боја на чорапи, различни чевли и побудата ми  беше поттикната од револтот кон општеството, едноумието и разбивање на толпата и навистина не страдав од тоа, го правев со многу голема леснотија, иако бев дете... На тоа веројатно многу убаво се сеќаваат моите средношколски пријатели :).... Но, на овие години стилот повеќе го базирам на енергијата што ја носам во себе, одколку на облеката..

Како ти почнува, а како завршува денот?

Пред да ми започне денот, во раните часови, одвојувам еден час за мене , и мојата ментална хигиена. Во тој час уживам во себе, разговарам со себе, и го воспоставува тој столб на мир и спокој, кој ќе ме движи низ текот на целиот ден. После сето тоа, ги отворам вратите за целиот тој организиран хаос. Проби во мојата матична куќа "Националната опера и балет", во која работам како хорист, активни детски претстави и проекти во кои сум приватно ангажирана... и сето тоа гледам да заврши некаде до 15 часот, иако просто некогаш е невозможно со нашата професија, но она што го сметам за најквалитетното поминато време, е времето поминато со моите деца, вложувањето на мојата енергија во нив, и со нивна прегратка ми завршува и денот..

Да имаш модна временска машина, во која декада би се вратила?

-Веројатно зашто животот ми е поврзан со сцена и уметност, едноставно не ми се појавил некој недостиг за таа временска машина. Со  сценографија, режија и костимографија, имам можност да ги уживам сите временски периоди. Иако сметам дека во денешно време како и да се облечете и излезете на улица веќе не е ни чудно. Инфлуерството, блогерството и целиот моден свет, донесоа таква независност и простор каде што веќе сè изгледа нормално.

Објавено:
23 декември 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
9.273 пати