Зошто луксузните брендови не инвестираат во Нигерија?

10 јуни 2014

На почетокот на годината, Нигерија беше прогласена за најфункционална и растечка економија во Африка, со вредност од 509 милијарди долари, односно според  проценките направени со испитување на БДП од 2010 година, па наваму. Со стекнувањето на нов статус, во Нигерија се појавија голем број милионери и милијардери, земјата има своја филмска индустрија Ноливуд и голем број развиени бизнис сектори кои полека, но сигурно ја ставаат земјата на светската карта. Но сепак и покрај сите предности,  голем број луксузни брендови се' уште не се заинтересирани да се пласираат на овој пазар.

Познатите модни брендови постојано отвораат нови продажни салони во разни градови низ светот, но на африканскиот континент само Луј Витон има два бутици во Мароко и два во Јужна Африка, а Гучи еден во Мароко и два бутици во Јужна Африка. Ова е сосема спротивно од пазарот во Латинска Америка, каде голем број лускузни брендови се етаблираа и покрај ниската економија која не е споредлива со онаа во Нигерија.

Според анализите, изгледа дека е голем предизвик за докажано име во модната индустрија да отвори свое претставништво во оваа земја и тоа поради две причини:

1. И покрај растечката економија, населението е сиромашно и

2. Непознат е изворот на пари кој преку ноќ направи да се создадат голем број милионери и милијардери, а тоа директно може да влијае на репутацијата на брендот.

Во колумна во магазинот The Financial Times на почетокот на годината, Венеса Фридман ги потврди овие две претпоставки наведувајќи дека извршен директор на некој лукзузен бренд кој сакал да остане анонимен, потврдил дека не би сакал да отвори продажен салон во земја каде што не се знае дали економијата е базирана на продажбата на нафта или пак е „црн бизнис“ во прашање.

Сепак, без разлика за сликата која што сите ја имаат создадено за Африка, работите не би требало да се гледаат еднострано. Точно е дека 60% од популацијата живее во голема сиромаштија, но сепак Лагос е познат како град во кој живее буржоаската богата класа. Развојот на кинескиот пазар доведе до декласирање на лускузните брендови, па токму затоа е неопходно да се размислува од проширување на брендовите на сосема нови локации, каде не постои сеуште јака конкуренција во однос на преовладување на луксузни брендови. Но од друга страна, апсурдни се оправдувањата на брендовите во однос на потеклото на парите во Нигерија бидејќи тие реално не се оптеретуваат со тоа од каде им се парите, туку како да ги извлечат од нив. Доколку ваквиот став беше основа за тврдењата, тогаш од каде им е сигурноста за пласирањето во Русија и Кина?

Со напуштањето на пазарите во Европа, луксузните брендови спроведоа агресивна политика на проширување во САД, особено во источниот и јужниот дел се до Латинска Америка, односно Бразил. Тоа што моментално ги загрижува сопствениците е дека доаѓа до стагнација во однос на заработувачката, а дегустацијата и пренатрупеноста од брендови доведува до барање на нови локации за проширување. Токму затоа е неопходно да не се игнорира потенцијалот и можностите кои ги нуди Нигерија, особено да не се заборави дека во услови на рецесија на голем број економии, земјата нуди одлично можности за пласирање и заработка.

Објавено:
10 јуни 2014
Категорија: 
Стории