„Fear is a liar“ на Нина Симовска поставена во „Љубов“

3 јуни 2015

Вчера во урбаното кафуле „Љубов“, дизајнерката и илустраторка Нина Симовска која твори под етикетата Just Because,  ja постави нејзината втора самостојна изложба насловена „Fear is a liar“ или Стравот лаже.  Нејзините пријатели и љубителите на уметноста имаа можност да уживаат во исклучителни уметнички слики и илустрации изработени во акрил техника, што испраќаа интересни пораки преку стихови од омилените рок песни на авторката.

„Вечерва во Љубов се случува мојата втора изложба, овојпат е на слики и илустрации изработени во акрил техника. Овојпат се одлучив за малку поинаков вид на изложба, во Љубов, бидејќи ова е место каде што сум секој ден, ги познавам сите луѓе и тука ми е некако најприродна средината и мислам дека редно време беше да ги испочитувам сите. Се надевам дека на сите ќе им се допадне“, вели Нина во разговорот со Fashionel.

Нина Симовска Нина Симовска

Авторскиот печат во овие уметнички дела се препознава и преку интимната релација на авторката со пораките испишани на сликите.

„Сите натписи се извадоци од познати рок песни, повеќето се од Pearl Jam, има нешто од U2, има доста од Дејвид Боуви...Сите извадоци се од песни што јас ги сакам, тоа е музиката што ја слушам, а истовремено се наменети за сите оние што ќе се препознаат во нив, а тие што слушаат добра рок музика веројатно и ќе ги препознаат. Во изложбата има еден сегмент на детски илустрации, и има еден тип на илустрации кои се со малку побизарна структура, тие се всушност и поврзани со насловот на изложбата, Fear is a liar или Стравот лаже, и поврзани се со насловот поради тоа што се објаснув фразата дека секогаш она што го гледаш е одраз на она што го чувствуваш. Ако видиш нешто што те вознемирува, веројатно има нешто што предизвикува такви чувства. Ако едноставно сликата не предизвика такви чувства, веројатно е дека сте го победиле стравот или воопшто сте го немале“, Симовска ја објаснува појдовната тема.

Делата се изработени во акрил, што е невообичаено за Нина која претходно претежно ги работеше нејзините дела со масло на платно.

„Акрилот е интересна техника, јас прв пат работам со неа. Претходно сликав со масло на платно и екпериментирав доста со различни типови на бои. Акрилната техника е интересна бидејќи има многу вивидни бои и нијанси, доаѓа во целиот спектар на бои и многу брзо се суши. Целата игра е колку побрзо ќе успееш ти со тоа шт буквално за 30 секудни до минута се суши, играта е во тоа колку ти ќе успееш да нијансираш во тоа време. Самата техника бара доста работа, многу е интересна и предизвикувачка“, вели Нина.

Сите дела од изложбата се на продажба, цените за илустрациите и врамените цртежи се движат од 3.000 до 4.000 денари, а платното од 100 до 400 евра, зависи од димензијата, од рамката...

Како што вели уметницата, голем дел од парчињата се веќе резервирани, а желбата да се поседува нејзината уметност дома, за неа како креативец е најголема сатисфакција.

Објавено:
3 јуни 2015
Категорија: 
Култура