Викенд агендата на модната недела во Њујорк беше вистински празник за љубителите на модата. Со бројни познати имиња, како меѓу дизајнерите, така и меѓу гостите, вниманието повторно беше целосно насочено кон овој град.
Исто така, викендот помина и во знакот на јубилеите. Ерве Леже со пролетната колекција прослави 30 години постоење. По тој повод, тие презентираа колекција која го содржи нивниот познат bundage фустан, односно негови варијации. Како велат од Max Azria, за оваа колекција сакале да се навратат кон почетоците, со што во понудата ќе има и фустани кои се и пошироки, а сепак женствени и сексапилни во духот на оваа модна куќа.
И ревијата на Александар Ванг беше одбележување на неговата 10 годишна работа. Пролетната колекција на дизајнерот како да е создадена за Канје Вест, Ники Минаж, Бела Хадид, Лејди Гага, кои беа во првиот ред. Очекувањата секако беа големи, а Ванг се одлучи да не се оддалечува премногу од неговиот досегашен стил и философија. Така, видовме парчиња со комбинација на урбана улична мода и спортска нота. Панталони со дебели риги доминираа, а беа искомбинирани со мрежести џемпери, широки блузони и бомбер јакни. Особено интересни беа кожено-тексасните јакни и фустаните што наликуваат на дрес.
„Јас сум сунѓер“, се зборовите на Викторија Бекам со кои таа сакаше да потенцира дека во најновото од нејзиниот бренд имплементирала повеќе идеи. Како вели, фактот што живеела во Лос Анџелес, сега живее во Лондон, а модната недела е во Њујорк, придонеле да се инспирира и сите три града да ги внесе во колекцијата. Исто така, Викторија потенцира дека во фокусот е ставот на жената, чувството на слобода и свежината. Тој фокус го презентира преку широки, лежерни креации најчесто веднаш до над глуждот и доминантниот кариран принт и пачворк парчиња. Рамните обувки ја следат секоја креација. Некои сметаат дека оваа колекција конечно отскокнува од нејзиниот личен стил. Но, од друга страна, некои сметаат дека Викторија сепак треба да се држи до својата естетика.
Во викенд агендата спаѓаа и презентациите на Моник Лулие, која понуди колекција во свила со впечатливи, свежи бои, Алтузара кои во фокусот ги ставија природните материјали како памук и лен и „истутканиот“ефект. Дајан фон Фурстенберг понуди колекција која го отсликува сето она што нè асоцира на пролет- сексапил, разиграност, веселот, принт, чистина, свежина, а Рејчл Зои понуди младешка колекција во бохо романтична нота.
Џени Пекам остана доследна на својата свечена естетика, а Прабал Гурунг имаше едноставни парчиња, со текстури и принтови инспирирани од ликовна уметност.